Ekipa
08 Јули 2019•Ажурирај: 09 Јули 2019
АТИНА (АА) – Лидерот на десничарската Нова демократија (НД), Киријакос Мицотакис, положи свечена заклетва како нов премиер на Грција, еден ден откако победи на предвремените парламентарни избори во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Мицотакис и неговата партија, Нова демократија, освоија 39,8 отсто од гласовите, поразувајќи ја левичарската партија Сириза на поранешниот премиер, Алексис Ципрас, која ја доби довербата на 31,5 отсто од граѓаните.
На тој начин, Нова демократија ќе добие 158 места во Парламентот, кој брои вкупно 300 места, и ќе може самостојно да формира нова грчка влада.
„Го прифаќам раководењето на државата со целосна свест и национална одговорност. Ги знам тешкотиите што нè очекуваат мене и моите соработници. Но моќта ја црпам од мојот народ“, нагласи Мицотакис во победничкиот говор.
Во Грција во неделата се одржаа предвремените парламентарни избори распишани од страна на Алексис Ципрас, бидејќи неговата левичарска партија на изборите за пратеници во Европскиот парламент во мај претрпе пораз од Нова демократија.
Ова беа првите парламентарни избори во Грција откако земјата ја заврши примената на третата последователна програма за помош на меѓународните кредитори, но и по постигнувањето на договорот за името Северна Македонија.