Elena Trenchevska Chekovic
20 Мај 2026•Ажурирај: 20 Мај 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, соопшти дека Европската комисија ставила на располагање 65,7 милиони евра за државата во рамки на Инструментот за реформи и раст, што претставува највисок износ во регионот, пренесува Анадолу.
„Тоа што го говорев пред неколку недели во интервју, денеска и официјално се потврди – Европската комисија соопшти дека става на располагање 65,7 милиони евра за нашата држава во рамки на Инструментот за реформи и раст, што претставува највисок износ во регионот, во споредба со 49 милиони евра за Албанија и 44,2 милиони евра за Црна Гора“, напиша Муцунски на социјалните мрежи.
Тој додаде дека ова е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, исполнувањето на обврските од Планот за раст и имплементацијата на европските вредности и стандарди на домашен план, како и признание за сериозниот пристап, институционалниот капацитет и реформскиот напредок на државата.
Согласно со официјалната информација објавена од Европската комисија, средствата се одобрени во рамки на Инструментот за реформи и раст, по позитивната оценка за спроведените реформски чекори. За државата, оценетите реформи се однесуваат на мерки поврзани со образованието и дигитализацијата.
Од вкупно одобрените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека преостанатите средства ќе бидат ставени на располагање за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.