Husameddin Gina
11 Јануари 2019•Ажурирај: 12 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот за транспорт, Горан Сугарески, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, денеска го најавија формалниот почеток на изградбата на делницата Стенковец – Блаце од автопатот Скопје – Блаце, јавува Anadolu Agency (AA).
Со изградбата на автопатот во должина од 12,5 километри и инвестициска вредност од 110 милиони евра, се очекува патувањето меѓу Приштина и Скопје да се скрати од два часа на 45 минути.
„Изградбата на патот ќе ја намали временската дистанца помеѓу Скопје и Приштина од сегашните два часа на само 45 минути, со што не само географски, туку и временски ги прави најблиски градови на Балканот, што ги одразува и политичките односи. Меѓутоа и фактот дека Република Косово е најевтиниот и најдобриот и најсоодветниот експортен пазар за Република Македонија го прави од економски аспект стратешки овој проект за Република Македонија“, нагласи Бујар Османи.
Тој нагласи дека проектот е многу важен и за Албанците во Македонија, бидејќи ќе овозможи поврзување со пријателите, роднините и сонародниците кои живеаат во Република Косово, и потсети дека годишната трговска размена со Косово е околу половина милијарда евра, при што Македонија има значителен суфицит.
„Затоа е многу важно да имаме автопат за да може нашите трговци да испорачуваат стока во Косово“, рече Османи, посочувајќи дека проектот има важно регионално значење како дел од агендата за поврзување во рамки на Берлинскиот процес.
Проектот ќе се гради во две фази. Тендерот за првата делница од 1,9 километри ќе биде објавен до крајот на овој месец. Според предвиденото, овој дел треба да заврши за 18 месеци.
Тендерот за втората делница од клучката Блаце до клучката Стенковец во Скопје, во должина од 10,5 километри, ќе биде објавен на почетокот на 2020 година, а треба да заврши за 36 месеци, така што целосната изградба на автопатот се очекува да биде завршена кон средината на 2023 година.
Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, втората делница од клучката Блаце до клучката Стенковец кај Скопје е потешка за проектирање и изведба.
На неа се предвидени четири тунели во должина од околу 4 километри и осум моста. Како и на останатите автопати, и на овој ќе има патарини.