Abdula Berisha
18 Октомври 2021•Ажурирај: 19 Октомври 2021
СКОПЈЕ
Набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР одржа прес-конференција на која ги соопшти прелиминарните заклучоци за локалните избори кои се одржаа вчера во Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тана де Зулуета, шефицата на оваа мисија, информираше дека ОБСЕ-ОДИХР со активностите започнал на 7 септември.
Таа рече дека во рамки на мисијата биле ангажирани 19 експерти во главниот град и 20 набљудувачи ширум земјата, додека на денот на гласањето 165 набљудувачи од 29 земји, на систематски начин го следеле процесот на гласање на 625 избирачки места во земјата.
„На локалните избори одржани на 17 октомври имаше конкуренција и основните слободи беа широко почитувани, но бројните недостатоци во правната рамка укажуваат на потребата за сеопфатна реформа. Главните парламентарни партии уживаат системски предности, особено во распределбата на јавните ресурси за кампањата, вклучително и за медиумите“, нагласи де Зулуета.
„Доцната имплементација на биометриската идентификација на гласачите создаде дополнителни предизвици кај изборната администрација“, додаде таа.
Де Зулуета се осврна и на некои случаи на групно или фамилијарно гласање, како и на процедуралните грешки за време на броење на гласовите.
За текот на броење на гласовите и нивно прикажување на соодветни табели, де Зулуета рече дека постоеле проблеми во подготвувањето на протоколи за резултати.
Според неа, биле забележани и некои случаи на непотребни интервенции во броењето на гласовите од претставниците на кандидатите, но дека настанатите проблеми не влијаеле врз конечните резултати.