Admir Fazlagic
17 Ноември 2020•Ажурирај: 18 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја демантираше изјавата на поранешниот поглавар на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи, искажана во вчерашно телевизиско гостување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во целост ја демантира изјавата на поранешниот поглавар на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи искажана во емисијата „Клик Плус” на ТВ21. Претседателот Стево Пендаровски, ниту пред, ниту непосредно по изборите, имал било каква директна или индиректна комуникација со тогашниот поглавар на ИВЗ, од што јасно произлегува дека наводите искажани од страна на Реџепи се целосно измислени", се вели во демантот од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Во деманот се додава дека претседателот Пендаровски е избран на легитимен и легален начин, на фер и демократски избори, што е потврдено во сите извештаи на ОБСЕ/ОДИХР.
„Сметаме дека ваквите изјави од страна на Сулејман Реџепи се крајно несериозни и недолични, имајќи ја предвид неговата поранешна улога во Исламската верска заедница", пишува во демантот.
Во вчерашното телевизиско гостување, поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи, меѓу другото, рече дека „благодарение на неговата интервенција и повик до муслиманите, Стево Пендаровски е избран за претседател".