Admir Fazlagic
12 Мај 2021•Ажурирај: 14 Мај 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, реис-ул-улема Шакир ефенди Фетаху, упати порака до муслиманските верници по повод утрешниот празник Рамазан бајрам (Фитр бајрам), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Со голема радост го очекуваме големиот празник Фитр бајрам, празник на најголемите награди на годината. Овој ден претставува задоволство на Семоќниот Аллах за големата посветеност што ја покажавме во текот на месецот Рамазан, за време на кој со срце и душа, со висока свест и со целото битие, ги постевме деновите на Рамазан, покажувајќи ја во пракса непоколебливата врска со нашиот Створител. Ние ги реформиравме нашето размислување и личност, ги облагородувавме нашите души и срца, негувајќи ја високата свест за Господ, како и за човекот и светот околу нас“, истакна Фетаху во бајрамската честитка.
„Празникот Фитр бајрам е триумф на верата над неверството, на доброто над злото, на великодушноста над скржавоста, на солидарноста над понижувањето, на приближувањето едни на други над изолација и одвојување од другите, на мирот над конфликтот, на духовноста над материјализам и помирување над одмаздата; накратко: овој голем празник е симбол на исполнување на аманетот доверен од страна на Возвишениот Бог“, се вели во пораката на поглаварот на ИВЗ, Фетаху.
Меѓу другото, во бајрамската честитка, реисот Фетаху потсетува дека и овој Рамазан поминал во тек на пандемијата од Ковид-19, што, како што вели тој, направил вредноста за верникот да биде уште поголема.
„Затоа, денес се молиме на Семоќниот Аллах со молитва да го прифати нашиот пост, нашето обожување, нашите молитви, нашата милостина, да ги усреќи срцата на сите луѓе ширум светот, да ги спаси и подигне послабите, да ги помири срцата на луѓето за да живеат во мир и хармонија, да ги лекува срцата и раните на семејствата на жртвите од опасната болест и да го зајакне нашето единство за доброто на нашите семејства, на нашиот народ и на целиот човечки род“, додаде Фетаху.