Mehmet Hatipoğlu
26 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
АТИНА (АА) - Бројот на загинати во шумските пожари што ја зафатија околината на Атина се искачи на 83 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за здравство на Грција соопшти дека во атинската болница КАТ починало лице на 73 години, кое било тешко повредено во пожарите што го зафатија подрачјето Мати, со што бројката на загинати се искачила на 83.
Во вестите објавени во грчките медиуми се истакнува загриженоста од зголемување на бројот на загинати. Во 6 болници во Атика продолжува лекувањето на 60 повредени во пожарите што ги зафатија подрачјата Рафина и Мати. Во вестите се вели дека меѓу повредените, 11-мина се наоѓаат во тешка здравствена состојба.
Спасувачките екипи ги продолжуваат акциите на теренот, а се претпоставува дека повеќе од 100 лица се исчезнати.
- „Пожарот избувнал од скинат електричен кабел“
Додека Грција се обидува да ги завие своите рани по катастрофалниот пожар, градоначалникот на Општина Пендели, Димитрис Стергију, изјави дека причина за пожарот во кој животот го загубија 83 лица, а се повредени повеќе од 150, е кинење на кабел за пренос на електрична енергија на Грчката коорпорација за електрика (DEH) на планината Дау, во подрачјето на Пендели.
Градоначалникот Стергију во изјавата дадена за приватна радио-станица истакна дека тој бил меѓу првите што пристигнале на планината во Пендели каде што започнал пожарот. „Таму на земјата видов скинат кабел кој му припаѓа на DEH. Верувам дека пожарот започнал таму“, рече Стергију.
Градоначалникот на Пендели, Димитрис Стергију, зборувајќи дека пожарот за кусо време се проширил, изјави: „Пожарот експлодираше речиси како атомска бомба. Во прв момент претпоставивме дека пламенот ќе започна да напредува кон подрачјето Дионисос, но ветерот ја промени насоката и повеќе не беше можно да се воспостави контрола“.