Sanela Crnovrsanin,Kayhan Gül
06 Септември 2020•Ажурирај: 07 Септември 2020
БЕЛГРАД (АА) – Во Србија, од една страна опозицијата ја критикува содржината на договорот за економска нормализација потпишан со Косово од српскиот претседател Александар Вучиќ во САД, а од друга страна пак, фотографиите на српскиот лидер во Белата куќа, исто така, предизвикаа полемики, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По изјавата на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека „Србија ќе ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим“, за време на церемонијата за потпишување на договорот беа направени фотографии на Вучиќ кои ја рефлектираа неговата зачуденост. Тие фотографии привлекоа големо внимание на социјалните мрежи и во опозициските медиуми.
На снимката се гледа како Вучиќ по изјавата на Трамп ги разгледува страниците на текстот на договорот, а потоа се врти кон српската делегација со вознемирено лице. Медиумите во земјата тврдат дека српската делегација не била запознаена со текстот на договорот или пак, дека се додадени некои членови без нивно знаење.
Во текстот насловен како „Ерусалим? Кој Ерусалим?“ објавен на порталот „Директно“ се истакнува дека делегацијата што ја претставува Србија за време на состаноците во Белата куќа или не ги разгледала членовите од договорот или некои членови биле додадени без нивно знаење и тие не можеле да реагираат на тоа.
Другата критика е за начинот на кој Вучиќ седеше на столот спроти Трамп во Белата куќа. Таа фотографија е критикувана, особено на социјалните мрежи од опозициските медиуми.
Вук Јеремиќ, лидерот на опозициската Народна партија, истакна дека документот што Вучиќ го потпишал во САД е „како некој виц“.
Јеремиќ, тврдејќи дека половина свет се смеел на потпишувањето на текстот, кој вклучува многу потточки, од хомосексуалноста до 5G-технологијата, од Амбасадата во Ерусалим до Хезболах, рече дека другата половина од светот е зачудена и дека овој текст е на штета на Србија.
Јеремиќ истакнува дека преместувањето на Амбасадата на Србија во Ерусалим е против резолуцијата 478 на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), го критикуваше тоа што Вучиќ не однел во Белата куќа советник кој ги познава меѓународните односи.
Во меѓувреме, косовската страна го сподели текстот на договорот што го потпишаа во Белата куќа. Се забележува дека во споделениот текст нема детали за договорот со Србија.
Во изјавата дадена по состанокот, Вучиќ избегна да даде детали за договорот, велејќи дека членовите од договорот се доверливи.