Besar Ademi
21 Мај 2018•Ажурирај: 22 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за животна средина и просторно планирање на Македонија, Садула Дураку, со градоначалници на седум општини во земјата потпиша договор за доделување финансиски средства од Програмата за инвестирање во животната средина за 2018 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Финансиските средства ќе бидат користени за изработка на техничка документација, како и за изградба на канализацискиот систем и системот за одведување и прочистување на отпадните води.
Министерот Дураку истакна дека во рамките на оваа програма, за оваа сфера се предвидени вкупно 45 милиони денари, средства кои, според него, им се доделени на 36 општини за 42 проекти.
„Министерството за животна средина и просторно планирање продолжува финансиски да ги поддржува локалните самоуправи во менаџирање и заштита на квалитетот на водите, бидејќи ова обезбедува не само чиста средина, туку истовремено директно влијае врз здравјето на жителите“, нагласи Дураку.
Договорите беа потпишани во просториите на ова Министерство од страна на градоначалниците на Град Скопје, Општина Тетово, Липково, Врапчиште, Шуто Оризари, Битола и Берово.
Градоначалникот на Град Скопје, а воедно и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Петре Шилегов, изрази благодарност до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Владата на Македонија, за нивната ангажираност во доделување на финансиските средства, со кои, како што рече тој, ќе се инвестира во создавање поквалитетен живот за граѓаните на земјата.