Abdula Berısha
06 Јануари 2020•Ажурирај: 08 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Православните христијани денеска го одбележуваат Бадник (Коледе), денот пред христијанскиот празник Божиќ, јавува Агенција Анадолија (AA).
Традиционално, Бадник се одбележа со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, кој започна со бадниковата химна и со кревање на бадниковото знаме. Присуствуваа голем број граѓани, а свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ги осветија бадниковите гранчиња и погачата.
Меѓу присутните беа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегови, стариот бадникарски кум Љупче Николовски, како и новиот кум бадникар Антони Пешев, кој ја донесе погачата со златна паричка.
Архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, откако ја освети погачата, рече дека Скопје и целата земја знаат достоинствено да се радуваат за Бадник и Божиќ, но и за другите православни празници. Со молитва и благодарност пред Бога, тој повика на мир, разбирање, љубов и единство со сите луѓе со добра волја.
Градоначалникот Шилегов изрази благодарност до организаторите, здружението „Бадникови поворки“, за традиционалната манифестација која се одржува речиси 30 години.
„Ова е период кога треба да ја делиме добрината, период кога треба да ја делиме меѓусебната љубов, затоа што љубовта и добрината се тоа што нас луѓето нѐ разликуваат од останатиот жив свет“, рече Шилегов.
Овогодишниот бадникарски кум, Антони Пешев, честитајќи го празникот, изјави дека му претставува особена гордост што тој ја има честа да биде кум за оваа година.
„Живееме во свет на кој навистина му треба нешто што е посилно од индивидуалното. Тоа можеме да го направиме со овој тип на случувања во кои ја обединуваме целата позитивна енергија која ни е потребна“, рече Пешев.
По говорите, според традицијата, минатогодишниот кум му го предаде ќупот на градоначалникот Шилегов, кој потоа му го врачи на новиот кум за годинава. Исто така беше кршена погачата со паричка.
Според христијанската традиција, првите гласници на празникот се коледарите, децата кои ја носат веста за доаѓањето на празникот Божиќ, кои в зори тропаат на вратите на домаќинствата, најавувајќи го празникот и за тоа се дарувани.
На Бадник завршуваат Божиќните пости. Христијанските семејства за Бадник во вечерните часови се собираат околу заедничка бадникова трпеза, и според традицијата, оваа вечер не се оди на гости.
Се подготвува богата посна трпеза, a се прави и лепче или пита во која се става паричка. Според христијанското верување, кај оној кај кого ќе се падне паричката, ќе го следи среќа и бериќет во текот на годината.
Исто така, ноќта пред Бадник се става бадниково гранче на секоја врата, што според христијанското верување, носи здравје за целото семејство.