Bojana Stojanovic
19 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
БЕЛГРАД
Кризниот штаб за заштита на здравјето од коронавирус и препорача денес на Владата на Србија, почнувајќи од петок 22 мај за влез во земјата да не биде потребен негативен тест на вирусот. Оваа препорака треба да биде потврдена во четврток, а одлучено е тестот на барање на граѓаните на Србија или странските државјани да чини 6.000 динари на територијата на целата земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот на Кризниот штаб е препорачано за влез во Србија да не биде потребен ниту негативен тест ниту потребна дозвола како за домашните така и за странските државјани, се наведува во соопштението.
На сите лица кои влегуваат на територијата на Србија ќе им бидат врачени здравствени предупредувања во кои се наведува дека влегуваат на територија на која вирусот сѐ уште циркулира, како и на начините за превенција од вирусот. Оваа препорака треба да биде потврдена во четврток, на седницата на Владата на Србија.
Исто така, кризниот штаб донесе препорака за отворање на административниот премин кон Косово и Метохија.
PCR-тестовите на Ковид-19, на лично барање на граѓаните на Србија и странските државјани, ќе чинат 6.000 динари на територијата на цела Србија. За студентите и малолетните лица тестирањето е и понатаму бесплатно.
Имајќи ја в предвид моменталната епидемиолошка ситуација, одлучено е одредени здравствени установи кои беа одредени за Ковид-болници постепено да се враќаат во вообичаениот процес на работа. Во таквите установи сите медицински работници ќе бидат тестирани на Ковид-19 и дури по негативен резултат ќе започнат со работа.
Со оглед на бројните шпекулации што беа повторени во претходните денови, Кризниот штаб потенцираше дека никогаш не препорачал санкции за неносење на маски на отворено и дека воведувањето на вакви мерки сигурно не е планирано.
„Сите членови на Кризниот штаб, предводени од лекарите, апелираат до сите граѓани да се однесуваат одговорно кон себе и кон другите бидејќи епидемијата сè уште не е завршена. Активноста на вирусот е значително ослабена, но потребно е сите да продолжиме да се придржуваме кон основните епидемиолошки мерки, како што се носење маски, редовна дезинфекција на рацете и одржување на социјална дистанца, за да можеме успешно да се избориме против коронавирусот“, додаваат тие.