Ivana Ramadanova
14 Септември 2017•Ажурирај: 15 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими генерал-мајор Стивен Креј, командант на Националната гарда на сојузната американска држава Вермонт, кој престојува во посета на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од претседателскиот кабинет, на средбата беа разменети мислења за долгогодишната плодна соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт, преку заедничкото учество во мировни мисии, реализацијата на заеднички вежби, обуката и едукацијата на припадниците на двете армии.
„Претседателот Иванов го поздрави стратешкото партнерство на Армијата на Република Македонија со Националната гарда на Вермонт, изразувајќи уверување дека успешната соработка со оваа сојузна држава во делот на одбраната претставува можност за проширување на соработката и во други области од заемен интерес“, се вели во соопштението од кабинетот.
Од таму велат дека македонскиот претседател истакнал оти Република Македонија ги исполнува сите услови и критериуми за членство во НАТО алијансата, а со учеството во мировните мисии, де факто се однесува како членка на Северноатлантската организација, и во тој контекст изрази очекување за натамошна интензивна американска поддршка, со цел Република Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО.
„Генерал-мајор Креј оддаде признание за севкупниот ангажман на македонските војници во меѓународните мировни мисии, и додаде дека САД, како и досега, ќе продолжат да бидат поддржувачи на стратешката определба на Република Македонија за целосна интеграција во евроатлантските структури“, се додава во соопштението.
Во 2012 година, претседателот Иванов ја одликуваше Националната гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги.
Високата воена делегација на Националната гарда на Вермонт (САД), предводена од командантот на Национална гарда (НГ) на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, вчера ја започна официјалната посета на Армијата на Република Македонија (АРМ), во рамките на која оствари средби со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, министерката за одбрана на Република Македонија Радмила Шекеринска, а денеска освен со претседателот Иванов се состана и со претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери.