Elena Trenchevska Chekovikj
20 Декември 2024•Ажурирај: 21 Декември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денес оствари средба со потпретседателот на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА, Махмут Чевик, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Собранието, на средбата Гаши изразил благодарност за широкиот спектар на активности што се спроведени од ТИКА во Република Северна Македонија, која долги години е ангажирана во земјава и има реализирано над 1000 проекти во различни полиња.
„Претседателот на Собранието ја поздрави досегашната соработката со Туркије во повеќе области на безбедноста и изрази подготвеност за зајакнување на истата“, се наведува во соопштението.
Потпретседателот на ТИКА, Махмут Чевик, на средбата нагласил дека Северна Македонија е многу значајна земја за Туркије и поради тоа го поддржуваат развојот на сите општествени сегменти, вложувајќи во одржливи проекти.
На средбата се разменети мислења и за можноста за реализација на идни проекти на ТИКА во земјата, кои „несомнено ќе придонесат за зајакнување на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Туркије“, се вели во соопштението.
Соговорниците изразиле уверување и надеж дека и во иднина ќе продолжи успешната соработка меѓу ТИКА и Република Северна Македонија.