Senada Ibraimova
09 Март 2017•Ажурирај: 10 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со илјадници придружници и вечерва повторно се собраа пред Владата, од кадешто го започнаа својот марш кон Собранието во знак на протест, како што велат, против платформата на албанските политички партии во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓанското здружение „За заедничка Македонија“ заедно со илјадници граѓани веќе единаесет дена маршираат низ улиците на Скопје, кадешто го изразуваат својот став против платформата на албанските политички партии во земјава.
Тие вечерва го поздравија повторното ставање во функција на Народната канцеларија на претседателот, којашто беше затворена во месец април минатата година за време на протестите на т.н. „Шарена револуција“. Тие и вечерва повторно ја изразија својата поддршка до претседателот на државата, да не му го даде мандатот на претседателот на Социјал - Демократскиот Сојуз(СДСМ) Зоран Заев да формира влада.
Пред Собранието, дел од организаторите и поддржувачи на овој протест одржаа говор, кадешто ги упатија своите пораки воглавно против двојазичноста во државата и дека ќе протестираат секој ден, се додека политичките партии не ја решат актуелната политичка криза што ја зафати Македонија.
Тие велат дека се против редефинирање, и дека протестираат, против промена на, Уставот, името и корените на државата.
Луѓето кои маршираа, носеа транспаренти и македонски знамиња, а по упатените пораки пред Собранието, толпата мирно се раздели.
Протести се одржуваат и во останатите градови на државата.
- Заедничка платформа на албанските политички партии
Таканаречената заедничка платформа на албанските политички партии во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија.
Лидерите на албанските политички партии се обврзуваа дека нема да учествуваат во новата Влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.