Furkan Abdula
06 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, учествуваше на настанот за промоција на новата јубилејна поштенска марка, по повод претстојниот празник 8 Септември, односно 30 години од независноста, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, настанот симболично се одржал во шалтер-салата во зградата на АД „Пошта на Северна Македонија“, во чии рамки свое обраќање имал Заев.
Покрај Заев, како домаќин се обратил и директорот на АД „Пошта на Северна Македонија“, Јани Макрадули, и пратеникот во првиот собраниски состав, Исмет Рамадани.
Во своите обраќања, тие ја потенцираа важноста на оваа институција во сите 30 години од независноста, а се осврнаа и на историскиот развој на настаните кои придонесоа за независна и суверена Северна Македонија.
Директорот Макрадули во име на сите вработени во АД „Пошта на Северна Македонија“ му подари на премиерот Заев примерок од новата поштенска марка, како и албум со препознатливите поштенски марки од изминатите 30 години.
„Ја користам приликата, да упатам посебна благодарност и честитки и до вработените во Бирото за филателија во рамки на Поштата, кои во текот на годината се заслужни за подготовка за печатење на неколку илјади поштенски марки на различни тематики, кои го отсликуваат нашиот фолклор, култура и други мотиви карактеристични за нашето поднебје“, истакна Заев.
Тој рече дека верува оти оваа поштенска марка ќе најде соодветно место во колекциите на филателистите и понатаму со патување во светот преку писмата, ќе биде најдобра промоција на земјата и ќе привлекува уште повеќе туристи што ќе се заинтересираат да ја посетат Северна Македонија.
„Оваа црвена пригодна поштенска марка ќе биде украс на писмата и понатаму ќе биде историски сведок на времето, кога граѓаните на тогашна Република Македонија донесоа историска одлука и глaсаа ЗА независност и ЗА суверенитет. Пригодната марка, која е промовирана денеска, ќе остане своевиден доказ за храбрата и одлучна верба на нашиот народ дека е способен да создаде и да живее во независна, просперитетна и перспективна држава“, рече тој.
„30 години подоцна, продолжуваме да ја градиме Република Северна Македонија, која е меѓународно призната држава, со европски манири, опкружена со пријатели, со лидерите во соседството, со кои се среќаваме и соработуваме со цел обезбедување стабилна економска иднина за сите граѓани во регионот“, додаде Заев.