Almir Terzic
05 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
БАЊА ЛУКА (АА) - Нашата цел во регионот е да работиме заедно, да воспоставиме уште поголема доверба и заеднички да градиме подобри односи, порача Игор Црнадак, министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина во Бања Лука, каде што денес започна неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) (South-East European Cooperation Process - SEECP), јавува Anadolu Agency (AA).
Неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ПСЈИЕ се одржува во рамките на едногодишното претседавање на Босна и Херцеговина со оваа регионална иницијатива.
„Нашата главна порака е подобра поврзаност за подобар живот, и во тој стил ќе се движи целото ова претседавање со ПСЈИЕ“, рече Црнадак, кој на учесниците им посака добредојде и желба пријатно да се чувствуваат, како во работниот дел од состанокот на ПСЈИЕ, така и во останатото време во текот на престојот во Бања Лука.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, порача дека за Бања Лука, но и за БиХ многу е важно што има можност да биде домаќин на многу значајните гости.
На неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ПСЈИЕ, освен домаќинот, министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак, на ниво на министри учествуваат делегациите на Хрватска, Србија и Црна Гора, додека останатите држави се застапени од замениците-министри за надворешни работи и секретарите на Министерството.
Во Бања Лука се и потпретседателката на Владата и министерка за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, како и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ.
Иако беше најавено дека на собирот ќе допатува и албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати, тоа не се случи, додека министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, го откажа учеството поради изјавите на претседателот на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска, Милорад Додиќ, дека „како претставник на Косово не е добредојден во Бања Лука“.
На состанокот во Бања Лука учествуваат и претставници на Европската Унија и на Советот за регионална соработка (RCC).
Инаку, Босна и Херцеговина своето второ претседавање со ПСЈИЕ го презеде во април 2018 година од Република Словенија.
Претседавањето на БиХ со ПСЈИЕ се одвива под мотото „Подобра поврзаност за подобар живот“, со приоритетите на претседавањето: поврзаност во областа на дигиталната инфраструктура и поврзаност во областите безбедност и млади, како и забрзување на европскиот пат на регионот.
Процесот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) (South-East European Cooperation Process - SEECP) започна во 1996 година во Софија, со цел јакнење на регионалната соработка, безбедоста и стабилноста, економската соработка, како и соработката на полето на правосудството, борбата против организираниот криминал и тероризмот. Со интензивирање на добрососедските односи и со преобразба на регионот во подрачје на мир и стабилност, ПСЈИЕ сака да овозможи приближување на учесниците во Процесот на европските и евроатлантските структури. Посебноста на ПСЈИЕ се состои во тоа што настана на иницијатива на земјите од регионот. ПСЈИЕ се профилира како автентичен процес на соработка во југоисточна Европа.
Темелниот документ на ПСЈИЕ е Повелбата за добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка во Југоисточна Европа, усвоена 2000 година во Букурешт.
ПСЈИЕ има 13 земји учеснички: Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Хрватска, Молдавија, Романија, Србија, Турција, Словенија и Косово. Соработката во рамките на ПСЈИЕ не е институционализирана, а ја координира државата претседавач. Претседавањето со ПСЈИЕ ротира на годишно ниво (јуни-јули) без однапред зададен редослед.
Државите учеснички се среќаваат на ниво на претседатели на држави/влади, министри за надворешни работи, политички директори на МНР и ресорни министерства. Редовни се активностите од доменот на парламентарната димензија на ПСЈИЕ. Инаку, Парламентарното собрание на ПСЈИЕ е основано во 2014 година.