Seyyid Emin,Dzihat Aliju
28 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје денес пуштена е во употреба предавалната на Институтот за сточарство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, која беше реновирана и опремена од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), јавува Anadolu Agency (AA).
На отворањето присуствуваа координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајден, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, директорката на Институтот за сточарство, Родне Ѓорѓиоска-Настова, како и вработените во Институтот.
Ајден, во својот говор, потсетувајќи дека ТИКА во Северна Македонија има реализирано речиси 1.000 проекти во различни области, истакна дека при реализација на проектите имаат за цел да ги опфатат сите заедници и сите институции.
Тој истакна дека овој проект го реализираат по барање на Институтот.
„Се надевам дека ќе даде сериозен придонес за квалитетот на образованието и образованието во Институтот ќе го подигне на повисоко ниво“, рече Ајден.
Истакнувајќи дека ТИКА придава важност на економскиот развој на земјата, Ајден додаде:
„Ние како ТИКА сме подготвени да придонесеме за економскиот развој на оваа земја. И во други проекти што ќе ги реализираме заедно со Универзитетот и со другите јавни институции, ќе придонесеме да го подобриме човечкиот капацитет за да ѝ служи на оваа земја.“
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски рече дека е среќен затоа што е обновена предавалната на Институтот за сточарство.
„Денешната донација, исто како и многу претходни донации коишто имавме можност да ги добиеме од ТИКА од Република Турција, навистина претставуваат значаен момент за нас", рече Јанкуловски.
Тој, исто така ѝ се заблагодари на ТИКА за досегашната поддршка.
Директорката на Институтот за сточарство, Родне Ѓорѓиоска-Настова, осврнувајќи се на соработката меѓу Институтот и Турција, рече дека присуствувала на неколку научни конференции одржани во Истанбул, Текирдаг и Ван.
Истакнувајќи дека денешниов ден е значаен за нив, Настова нагласи: „Ние, кои сме оддадени на науката, можеме да ги пренесеме нашите искуства и сознанија од областа на сточарството, рибарството, исхраната, агро-претприемништвото и сите други сродни области во оваа најмодерно опремена предавална која ни е донација од нашите пријатели од ТИКА.“
По обраќањата на говорниците им беше доделен мед произведен како дел од пчеларските проекти на ТИКА.