Alma Çekovic
05 Февруари 2017•Ажурирај: 06 Февруари 2017
САРАЕВО (АА) - На сараевскиот пазар Маркале, каде што на 5. февруари 1994 година од минофрлачка граната од позициите на Војската на Република Српска (ВРС) загинаа 68, а ранети 144 граѓани на Сараево, денес е одбележана 23. годишнина на еден од најстраотните настани во историјата на главниот град на БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
На настраданите се присетија оние што го преживеаја масакрот, но и нивните соседи и пријатели како и другите граѓани положувајќи венци оддадоа почест на сограѓаните кои загинаа на ова место пред 23 години.
Цвеќе крај спомен-обележјето положија и голем број делегации, предводени од премиерот на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ.
Градоначалникот на Сараево, Иво Комшиќ, истакна дека ова е ден кој мора да се одбележува бидејќи на пазарот Маркале паднале многу жртви за време на 1.425 дена од опсадата на Сараево.
„По бројот на жртвите ова е најголемо губилиште што го имавме на подрачјето на градот и затоа мора да го одбележуваме овој ден, не само поради жртвите, кои преживеаја туку и заради загинатите. Поради нив е важна вистината, ние мораме да инсистираме на таа вистина, а одбележувањето на вакви датуми е всушност соочување со вистината” , изјави Комшиќ за АА.
Пред одбележувањето на 23. годишнина од масакрот на Маркала, беше одржана заедничка комеморативна седница на Собранието на Кантонот Сараево, Градскиот совет на Сараево и општинските совети по повод 5.февруари, Ден на сеќавање на сите убиени сараевчани во периодот од 1992 до 1995 година.
Првиот од двата масакри на пазарот Маркале, во самиот центар на Сараево се случи на 5.февруари 1994 година помеѓу 12.10 и 12.20 часот кога минофрлачки проектил со калибар 120 милиметри истрелан од позициите на Војската на Република Српска, на подрачјето на селото Мирковичи, падна на преполн градски пазар.
Најфреквентниот сараевски пазар Маркале и за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година беше едно од местата за снабдување на жителите во опколениот град. На тоа место се одвиваше трговија на прехрамбени производи и сето она што на било кој начин можеше да им послужи на граѓаните на Сараево да ги преживеаат тешките воени денови, вклучувајќи и размена на информации.
По војната, 5. февруари е прогласен за Ден на сеќавање на сите жртви - граѓани на Сараево во периодот од 1992 до 1995 година.