Admir Fazlagic
07 Декември 2017•Ажурирај: 08 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Скопје во Македонскиот народен театар се одржа свечена академија по повод утрешниот државен празник Св. Климент Охридски, во организација на Македонската православна црква, а под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Владата, Заев, во своето обраќање на свечената академија го честиташе 50. годишниот јубилеј автокефалност на Охридската архиепископија преку Македонската православна црква и упати честитки по повод утрешниот државен празник Св. Климент Охридски. Тој во својата честитка порача дека посакува сите граѓани да се здрави, спокојни и паметни доволно, за да ги заштитат и градат духовните вредности како темелни вредности на генерации кои ќе градат толерантно и демократско општество за сите.
„Општото добро треба да биде достоинствена водилка на секој човек и колку сме се развиле како луѓе во практикувањето акции за општо добро, ете тоа е мерката колку сме израснале и сме се надраснале духовно. Низ совесните дела што ги оставаме зад нас само можат да градат вредности генерациите после нас", истакна премиерот Заев.
Претседателот на Македонската православна црква, архиепископот г. г. Стефан, честитајќи го празникот Св. Климентт Охридски, рече: „За нашиот верен народ и за нашата независна држава, сè уште останува еден од проблемите, тоа што МПЦ е неприфатена во сеправославното семејство, за жал, од политички причини. Па, Охрид и Црквата во Македонија ниту ги измисливме, ниту се создадени за штета на другите - туку за слава на Бога и спасение на нашиот богољубив народ".
По говорите, следуваше и музички дел на манифестацијата каде настапија Гудачкиот квартет при Македонската филхармонија.
На вечерашната свечената академија присуствуваа претставници на Владата на Република Македонија, пратеници, претставници на дипломатскиот кор во земјата и други поканети гости.
Инаку, празникот 8. декември е Ден на Св. Климент Охридски, со кој се одбележува дејноста на овој сесловенски просветител и основач на Охридската школа, кој починал и бил погребан во Охрид.