Husamedin Gina
29 Септември 2020•Ажурирано: 30 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) – На магистралниот пат Струмица - Штип утрово се преврте автобус кој превезувал војници на Армијата на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Началникот на Канцеларијата за односи со јавноста и портпарол на Генералштабот, потполковник Тони Јаневски, соопшти дека во сообраќајната незгода која се случи утринава, автобус кој превезувал припадници на Армијата на Република Северна Македонија, во рамки на организираниот превоз на релацијата Струмица - Радовиш - Штип - Петровец, странично се превртел недалеку од Штип.
Од Генералштабот се додава дека војниците се со полесни повреди.
Според писменото соопштение, во сообраќајната незгода, која според информациите на Генералштабот и на Министерството за внатрешни работи се случила во 6 часот и 47 минути на осум километри пред Штип, се превезувале 16 припадници на Армијата до своите работни места.
Според првичните сознанија, кај дел од нив има полесни повреди и во моментот сите припадници се превезени во Болницата во Штип, каде што им се вршат лекарски прегледи, со цел утврдување на нивната здравствена состојба.
Исто така во соопштението се истакнува дека увид на место на настанот е извршен од страна на јавен обвинител и МВР, а на самото место излезен е и тим од Воената полиција.
Автобусот од типот „сетра“ во сопственост на фирма од Струмица, која го реализира организираниот транспорт на наведената релација, има потврда за исполнување на потребните технички услови за превоз на патници.