Furkan Abdula
25 Октомври 2022•Ажурирај: 26 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Северна Македонија и Јордан потпишаа меморандум за соработка во областа на земјоделието, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Во соопштението се вели дека министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во рамки на посетата на Јордан, остварил средба со министерот за земјоделство на Јордан, Кхалид ал Ханифат.
Според соопштението, Османи и Ал Ханифат потпишале Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Хашемитското Кралство Јордан за соработка во областа на земјоделството.
Во ова соопштение се истакнува дека овој меморандум претставува прв меѓународен договор потпишан меѓу владите на двете земји.
„Со потпишување на овој документ, создаваме основа за интензивирање на размената на прехранбени продукти и земјоделски производи, особено во делот на зголемување на извозот на овошје, зеленчук и јагнешко месо од Северна Македонија во Јордан, а од Јордан зголемување на увоз на маслиново масло и урми во Северна Македонија“, рече Османи.
„Тоа е особено важно за двете земји, имајќи ги предвид актуелните предизвици со безбедноста на храна во овој регион и потребата од диверзификација на снабдувањето со прехранбени продукти. Од друга страна, ние име потенцијал за кој ни се потребни нови пазари и немам сомнеж дека ова ќе биде уште еден чекор кон продлабочување на билатералните односи во полза на граѓаните од двете земји”, истакна тој.
Двајцата соговорници потенцираа дека особено значајна е размената на искуства во областа на земјоделската политика, спроведување на конкретните мерки за подобрување на земјоделското производство, безбедноста на храната, како и управувањето со водите, за што се заложија за спроведување на идни проекти во интерес на двете страни.