Abdula Berisha
31 Мај 2021•Ажурирај: 01 Јуни 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, ја пречека на работна средба министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац, која пристигна на работна посета во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата по билатералната средба, министерката Шекеринска истакна дека Ињац претходно била дел од соработката во областа на одбраната меѓу двете земји, бидејќи била член на Уредничкиот одбор на меѓународното научно списание „Современа македонска одбрана“, што го објавува Министерството за одбрана на Северна Македонија.
Шекеринска, исто така, рече дека црногорските кадети се дел од Воената академија во Скопје, притоа потенцирајќи дека членството на двете земји во НАТО-алијансата му дава посебно значење на регионот и поголема безбедност.
„Реткост е навистина во нашиот регион да имате две држави кои никогаш немале отворени прашања. Имаме среќа што Северна Македонија и Црна Гора се таков пример. Но, нашето членство во НАТО, коешто следеше веднаш после црногорското, покажа дека државите можат да бидат и многу поамбициозни кога веќе стануваат сојузници“, рече Шекеринска.
Министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац, нагласувајќи ја одличната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната рече дека на состанокот ги споделиле заедничките идеи и цели во однос на зајакнувањето на регионалната соработка и стабилност, како и можностите за поголема соработка.
„Би сакала да потенцирам дека одличната соработка не е само во областа на одбраната, туку нашите две земји и нашите две влади имаат многу теми кои имаат потенцијал за уште подобра соработка, особено во овој период на стабилизација постковид-19“, рече Ињац.
Двете министерки најавија соработка и заеднички настап во други проекти, вклучително и испраќање офицери од двете земји на Воениот универзитет на НАТО во Рим.