Admir Fazlagic
27 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Превентивни мерки против коронавирусот од денеска се спроведуваат на Меѓународниот аеродром Скопје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство на Северна Македонија информираше дека е одржан состанок со Комисијата за заразни болести, при што истакна дека еден од заклучоците е дека нема простор за паника, но по препораките на Светската здравствена организација (СЗО) ќе бидат преземени превентивни мерки.
Со термална камера ќе се скенираат патниците на летовите од Истанбул и Дубаи, кои имаат врска со регионот во Кина, каде што е жариштето на овој вирус.
На аеродромот ќе бидат активирани и лекарски екипи што ќе прават преглед на сомнителните патници.
„Ние немаме директна комуникација и директни летови со овој регион, тоа значи дека луѓето кои би дошле евентуално оттаму се веќе неколкупати скенирани на другите аеродроми. Ние ќе преземеме мерки на превенција и веќе од утре за летовите од Истанбул и Дубаи, кои имаат врска со овој регион во Кина, патниците ќе се скенираат со термална камера“, изјави вчера министерот Филипче.
Како што рече тој, скопскиот аеродром согласно последните евалуации е оценет на највисоко ниво и ги задоволува највисоките стандарди за детекција и рано препознавање и рана изолација доколку кај пациентите, потенцијални заразени, се најдат вакви симптоми.
За луѓето, потенцијални пациенти, што доаѓаат од регионот на Кина, од регионот на Вухан, а кај кои може да се јават симптоми, ќе биде објавен телефонски број на кој може да се јават за да бидат понатаму насочени каде да се обратат во здравствениот систем, за да не се јавуваат по матични лекари и амбуланти, со цел доколку постои тој вирус да не се прошири.
Сите други пациенти што имаат симптоми на грип ќе го следат нормалниот процес од матичен лекар кон Инфективната клиника. Ако има потреба, подготвен е план за лекување, изолација и карантин.
- Коронавирус -
Во кинескиот град Вухан, во кој се појави новиот тип на коронавирусот (2019-nVoC), што потоа премина во епидемија, досега животот го загубија 80 лица, а бројот на заразени се зголеми на 2.744. Според соопштението што го објави Комисијата за национално здравство на Кина, коронавирусот е раширен во секоја покраина и автономна покраина, освен во автономната покраина Тибет. Досега се забележани 80 смртни случаи, а меѓу заразените 2.744 лица, 461 се наоѓаат во тешка состојба.
Освен тоа, во Хонгконг се забележани 8 случаи на коронавирусот, 5 во Макао и 4 случаи во Тајван.
Новиот тип на коронавирусот за првпат е забележан на 12 декемри во кинескиот град Вухан. Општинската комисија за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морски производи „Хуанан“ под образложение дека кај 27 лица што биле во контакт со тоа место е забележана „мистериозна болест“.