СОФИЈА (АА) – ИХВАН РАДОЈКОВ
Турската програма при Бугарското национално радио (БНР) 72 години емитува теми поврзани со турската заедница во Бугарија.
Турската програма на Националното радио на Бугарија, на 13 февруари - Светскиот ден на радиото, ја прослави 72-годишнината од своето постоење.
Вработените во Турската програма на Националното радио по повод 13 февруари, Светскиот ден на радиото, се состанаа со Здружението за пријателство на турските жени во Бугарија (TUBUKADD).
Претседателот на Здружението, Гулај Испир, по повод 13 февруари, Светскиот ден на радиото, којшто оваа година се одбележува под темата „Дијалог, мир и толеранција“ го посети Бугарското национално радио (БНР).
Уредничката на Турската програма при Бугарското национално радио, Тања Благова, во изјавата за дописникот на АА истакна дека одлуката за одбележување на Светскиот ден на радиото е донесена на 36. Генерална конференција на УНЕСКО во Париз 2007 година. На 13 февруари 1946 година е формирано радиото на Обединетите нации (ОН).
Благова, нагласувајќи дека програмите на турски јазик наменети за Турците во Бугарија започнале да се емитуваат во 1947 година, истакна: „Во Бугарското државно радио, како Турска програма имаме долга традиција и историја“.
Истакнувајќи дека на ден имаат вкупна програма од 3 часа, еден дел наутро, другиот дел попладне, Благова наведе дека имаат вести од политиката, економијата, општеството, музиката, спортот и туризмот. Во рамките на програмата, исто така, се одвојува време и за репортажи, коментари и анализи.
„Особено им даваме тежина на вестите од областите каде што е населено турското население. Ги претставуваме Турците кои се успешни во различни области. За слушателите подготвуваме специјални емисии“, нагласи Благова, додавајќи дека специјалната содржина која се подготвува за слушателите ја прави Турската програма поразлична. Таа, исто така, истакна дека во текот на неделата Радиото подготвува „интерактивна“ програма, каде што на слушателите од турска националност им се овозможува да учествуваат во програмата со телефонски јавувања.

„Во последните 10 години нашите програми се објавуваат и преку интернет и може да нè слушаат од каде било во светот“, додаде Благова.
Тања Благова, потсетувајќи дека БНР емитува програма на 9 јазика, истакна дека се многу горди поради фактот дека Турската програма при БНР е најслушана програма, а интернет-страницата најпосетувана страница, по програмите на англиски јазик.
Мујган Бахарова, уредничка и презентерка на програмите од „Култура, уметност и литература“, рече дека во своите програми ги промовира најинтересните културни настани во земјата. Таа во своите емисии чита и цитати од книгите испратени до неа, од поетите и писателите кои пишуваат на турски јазик.
Ајсер Али, уредничка и презентерка на програмата „Денес, недела“, истакна дека во програмите од областа на социјалата и културата ги споделува приказните на успешни луѓе од различни области.
Севда Дуќанџи, уредничка на програмата „Радио од вчера до денес“, нагласи дека напишала книга за трудот на лицата кои работеле во Програмата на турски јазик при БНР од 1950 година до ден денес. „БНР, покрај тоа што го оживува мајчиниот јазик на Турците кои живеат тука, исто така е жива меморија на Турците“.
- Балканските песни се дигитализираат
Една од најслушаните програми во Турската програма при БНР ја води Ведат Ахмет, претседателот на Врховниот исламски совет во Бугарија.
Тој рече дека во едночасовната програма под наслов „Петок попладне“, која се емитува секој петок, се обработуваат религиозни програми и нагласи: „Ги обработуваме темите од областа на моралот, верата, богослужбата и општествениот живот кои ги интересираат муслиманите во Бугарија“.
Ахмет рече дека се обидува да одговори на прашањата од областа на религијата поставени од слушателите.
Шевкије Чакир, водителка на програмите „Патиштата минуваат низ селата“ и „Ваши писма добри или лоши“ истакна дека во програмите го споделува животот на слушателите и етничките проблеми.
Таа, исто така, истакна дека во музичките архиви на БНР има околу 5.000 песни кои припаѓаат на Турците од Бугарија, познати како „златно богатство“, и тие песни се емитуваат во програмите.
Чакир нагласи дека продолжува да се работи на тоа балканските песни од архивите да се пренесат на дигитална платформа.
Во Бугарија која има популација од околу 7 милиони население, живеат повеќе од 680.000 Турци, што е најголема популација на турско население на Балканот.