Husamedin Gina
29 Јуни 2020•Ажурирај: 30 Јуни 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, изјави дека Меѓународниот аеродрoм „Скопје“ е подготвен за отворање и дека протоколот по кој ќе работи навистина е направен по сите светски стандарди, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска го посетија Меѓународниот аеродрoм „Скопје“, каде што заедно со Алпер Ерсој, генералниот директор на „ТАВ Македонија“, направија обиколка на аеродромот.
Веднаш по обиколката, Филипче, Сугарески и Ерсој дадоа изјави за медиумите.
Филипче, истакнувајќи дека организирале средба со директорот на ТАВ во врска со протоколот по кој ќе работат аеродромите во Скопје и Охрид, рече дека протоколот е направен по сите светски стандарди.
„Протоколот имавме шанса да го видиме, навистина е направен по сите светски стандарди, целосно почитувајќи ги принципите за запазување на дистанца, задолжително носење маска, на многу места низ зградата се поставени средства за дезинфекција на рацете“, нагласи министерот Филипче.
Тој истакна дека во зградата ќе можат да влегуваат само патниците, со што значајно се намалува ризикот од метеж, како и дека се поставени и термални камери на влезот на аеродромот за мерење на температурата на патниците.
Доколку се појави патник со покачена температура, како што рече министерот, него ќе го преземат екипи на Центарот за јавно здравје, кои ќе бидат на аеродромите.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, наведувајќи дека целосно се запазени протоколите за заштита од Ковид-19, рече дека сега клучно ќе биде и патниците да ги почитуваат за да се избегне ширењето на заразата.
„Сакам да потенцирам дека за нас како Влада е битен авиосообраќајот. Вие сите знаете дека пред почнувањето на оваа здравствена криза имавме рекорден број на патници во изминатите години“, рече Сугарески, додавајќи дека тоа е важно и за економијата на земјата и за туризмот.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, кој ѝ се заблагодари на Владата за добрата комуникација и соработка, рече дека во периодот од три и пол месеци, колку што беа затворени аеродромите, ги следеле сите национални и интернационални препораки и инструкции.
„На 1 јули ќе почнеме со имплементација на протоколи на аеродромите во Скопје и Охрид. Сакаме сите наши патници да ги почитуваат правилата, бидејќи овие правила се за нивното здравје и безбедност. Посакуваме нив да ги почитуваат сите и ние заедно да го спречиме ширењето на Ковид-19 на нашите аеродроми“, нагласи Ерсој.
„За жал, поради психолошкиот дел на пандемијата“, како што рече Ерсој, „половина од нашите патници имаа големо двоумење повторно да летаат, затоа на почеток ќе имаме помалку летови и патници.“
Со одлука на Владата, Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“ се отвораат на 1 јули, по три и пол месеци неработење, но со почитување на строги протоколи за заштита од заразата.