Admir Fazlagic
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на неформална група на скопски велосипедисти „На Точак“, голем број граѓани со своите велосипеди се собраа денеска во центарот на Скопје со цел да одбележат пет години од првата Kритична маса во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со овој настан денеска одбележуваме пет години од првата критична маса во Скопје. Се собравме група ентузијасти коишто сакавме да направиме нешто на тема урбан велосипедизам во Скопје, бидејќи условите во коишто возевме беа навистина невозможни. Од тогаш па наваму, секоја среда, секој месец, возиме Kритична маса во којашто симболично ги окупираме улиците на половина час за да им покажеме на градските власти, на учесниците во сообраќајот и на граѓаните, дека сме присутни, дека не има и дека заслужуваме рамноправно место во сообраќајот", изјави за АА Јована Тозија, која што е дел од неформалната група на скопски велосипедисти „На Точак“.
На денешниот настан заедно со граѓаните велосипедисти беше и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.
„На Точак“ е неформална група скопски велосипедисти, оформена првично преку социјални мрежи. Цел на „На Точак“ и на организирањето на Критична маса во Скопје е популаризација на точакот како урбано превозно средство.
Инаку, Критична маса во Скопје се одржува секоја последна среда во месецот.