Agim Sulaj
25 Ноември 2020•Ажурирај: 26 Ноември 2020
ПРИШТИНА (АА) - Првиот потпретседател на Владата на Северна Македонија, Артан Груби, оствари официјална посета на Косово, во чија рамка се состана со првата вицепремиерка на Косово, Албулена Балај-Халимај, со која разговараа за низата договори што се очекува владите на двете земји да ги потпишат во почетокот на 2021 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Балај-Халимај и Груби нагласија дека постои согласност за тоа јануари да биде терминот кога ќе се организира следниот состанок на владите на Косово и Северна Македонија за потпишување на неколку договори.
Првата вицепремиерка на Косово рече дека на состанокот на двете влади ќе има договори од различни области во интерес на граѓаните и бизнисите на двете земји.
Според неа, претворањето на двете гранични точки помеѓу Косово и Северна Македонија во една гранична точка ќе биде еден од договорите што се очекува да се потпишат на состанокот на двете влади.
„Дискутиравме за можна физибилити студија за патот Призрен - Тетово, кој верувам дека ќе го реализираме што е можно побрзо поради барањето на граѓаните на нашите земји. Исто така, дискутиравме за Брезовица и за Попова Шапка во делот кај Северна Македонија за да ги направиме заедничко туристичко место и за да овозможиме не само граѓаните на нашите две земји, туку и граѓаните на други земји да бидат посетители“, рече Балај-Халимај.
Првиот вицепремиер на Северна Македонија, Артан Груби, рече дека целта на договорите е да се подобри животот на граѓаните на двете земји, со подобра трговска размена, како и со поефективна инфраструктурна поврзаност.
Според Груби, Северна Македонија е подготвена за одржување на состанокот на двете влади, а од јуни 2019 година подготвила некои билатерални договори за потпишување, но се одложени поради пандемијата на Ковид-19, како и поради изборите што се одржаа во двете земји.
„Од Приштина ја повикувам Владата на Косово за да го одржиме овој состанок во Скопје, најдоцна до првата половина на јануари наредната година. Темите за кои дискутиравме се интерконекцијата со гас за Косово, што ќе биде поврзан низ Северна Македонија, и сега веќе започнатата студија која се финансира од страна на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, и тоа ќе биде во извонреден интерес за граѓаните на Косово, не само поради цената на електричната енергија, туку и за заштитата на животната средина“, додаде Груби.
Тој нагласи дека разговарале и за Автопатот Скопје - Блаце, за кој рече дека интензивно се пристапило со работа и кој го скратува патот Приштина - Скопје до 40 минути.
Груби и Балај-Халимај укажаа на стратегијата на двете земји за изградба на заедничко туристичко место кај делот на Попова Шапка во Северна Македонија и Брезовица од косовската страна.
Во октомври оваа година, премиерот на Косово, Авдула Хоти, оствари посета на Скопје, при што се состана со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев. Хоти за време на посетата рече дека е постигнато усогласување за да се дискутира за некои точки на заедничкиот состанок на двете земји.