02 Септември 2019•Ажурирај: 02 Септември 2019
БЛЕД (АА) - Бледскиот стратешки форум, 14. по ред, кој оваа година е посветен на стабилноста на регионот, на одржливиот развој и на економскиот напредок, започна денес во Блед, пренесува Anadolu Agency (AA).
Дводневниот собир оваа година собра голем број високи официјални претставници од Европската Унија, Западен Балкан, Турција, САД и меѓународните организации.
Форумот го отвори домаќинот, министерот за надворешни работи на Словенија, Миро Цезар, кој порача дека новоизбраните лидери на ЕУ треба да покажат одговорност и да се соочат со предизвиците. Тој додаде дека проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан секогаш било во центарот на вниманието на Словенија и на Форумот, и се заложи, поради безбедноста, за што поскоро проширување.
„Решителноста околу проширувањето кон Западен Балкан отсекогаш била дел од Бледскиот стратешки форум. Негативната одлука за проширувањето може да има негативен каскаден ефект. ЕУ треба да биде строга, но и да го одржи својот збор“, рече Церар.
Словенечкиот премиер, Марјан Шарец, денес најави дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан ќе биде приоритет на претседавањето на Словенија со ЕУ во текот на втората половина од 2021 година.
„За Словенија тешко е да се замисли свет без мултилатерализмот и меѓународните правни норми. Треба да го подобриме она што веќе го постигнавме. Унилатерализмот не може да биде одговорот“, порача Шарец.
Република Северна Македонија на Бледскиот стратешки форум ја претставува министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Покрај средбите со високи претставници во Блед, како што соопшти Министерството за надворешни работи, Димитров утре ќе се обрати на панелот насловен „Западен Балкан - европеизација, демократизација, споделена одговорност“, на кој ќе се осврне на европските перспективи на Република Северна Македонија.
На Бледскиот стратешки форум присуствува и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.