Oktaj Omeragikj
03 Јануари 2020•Ажурирај: 03 Јануари 2020
СКОПЈЕ
Собранието на Република Северна Македонија на денешната седница ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев, поднесена по договорот на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Се очекува до полноќ Собранието да ја изгласа техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски. Од утре, па во следните сто дена Спасовски со техничката Влада треба да ги организираат изборите.
Премиерот Зоран Заев во документот што го достави до Парламентот наведе дека оставката ја поднесува по договорот постигнат со лидерите на партиите за одржување предвремени избори на 12 април.
Претпладнево, Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, соопшти дека оставката на Заев е доставена до претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој треба да му го врачи мандатот на Спасовски.
Спасовски до Собранието треба да ги достави програмата за работа, како и составот на новата техничка Влада.