Admir Fazlagic
11 Декември 2018•Ажурирај: 12 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, присуствува на меѓународната министерска конференција посветена на борбата против недозволената трговија со мало и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, што во рамки на француско-германската иницијатива за ефикасно справување со овој проблем, се одржува во Париз, Република Франција, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесното оружје во последниве години се здоби со важност во меѓународните, регионалните и националните агенди, бидејќи дополнителните глобални околности, особено во доменот на масовните миграции и видоизменувањето на терористичките концепти, ги мултиплицираа можните опасни последици од неконтролираната пролиферација на малото и лесното оружје“, рече Спасовски, соопшти Министерството за внатрешни работи на Македонија.
Тој додаде дека неретко се случува овој вид незаконски и криминални активности да можат да претставуваат и еден од катализаторите кои дополнително ги трансформираат локалните инциденти во многу пошироки регионални и глобални настани.
Министерот Спасовски нагласи дека примарно е заедничкото градење на стандарди за развој на ефективни системи за размена на информации и транспарентност, споделување најдобри практики, како и подигање на јавната свест преку спроведување соодветни програми.
Министерот за внатрешни работи на Македонија говореше за постигнатото во оваа сфера од страна на македонската Влада, и пред сѐ од страна на Министерството за внатрешни работи на Македонија, како клучна институција во справување со овој вид криминал.
Спасовски рече дека приоритет на македонското Министерство за внатрешни работи е да отпочне со изградба на информатички информационен систем кој понатаму ќе биде подготвен да се приклучи кон системите на ЕУ (SIENA, IARMS и сл.).
На министерската конференција, присуствува и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.