Gorana Jakovljevic
19 Мај 2022•Ажурирај: 20 Мај 2022
БЕЛГРАД (АА) - Во храмот „Свети Сава“ во Белград, главниот град на Србија, српскиот патријарх Порфирие и архиепископот охридски и македонски, Стефан, со архиереите на двете цркви, одржаа литургија на помирување, јавува Агенција Анадолија (АА).
На оваа литургија, со која по 55 години раскол повторно е воспоставено литургиско и канонско единство помеѓу Македонската православна црква (МПЦ) и Српската православна црква (СПЦ), присуствуваа голем број верници.
Од СПЦ претходно беше најавено дека со литургијата за помирување повторно ќе биде воспоставено литургиското и канонското општење на двете сестрински цркви, во согласност со одлуката на Саборот на СПЦ.
Патријархот Порфирие синоќа во Белград го пречека архиепископот г.г. Стефан и митрополитите на МПЦ и им посака добредојде.
„Како што ѕвонат ѕвоната на храмот на Светиот Сава, така и нашите срца бијат од радост поради овој благословен ден. Добре дојдовте, драги браќа. Добре дојде, брате архиепископе Стефан и владики. Добре дојдовте во заедницата на љубов, вие и сите ваши богољубни луѓе. Браќа сме и само браќа“, објави патријархот Порфирие на социјалната мрежа Инстаграм.