Furkan Abdula
09 Февруари 2023•Ажурирај: 12 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Тим од Дирекцијата за заштита и спасување на Северна Македонија учествува во операциите за пребарување и спасување во подрачјата во Туркије погодени од разорните земјотреси на 6 февруари, пренесува Анадолу.
Информацијата преку писмено соопштение ја потврди Дирекцијата за заштита и спасување на земјата.
„Првиот тим за спасување составен од 40 лица при Дирекцијата за заштита и спасување од синоќа е на терен во Адијаман, Туркије, и веднаш е приклучен во операциите за пребарување и спасување“, се вели во соопштението.
Се наведува дека истовремено се вршат и проценки за потребите на терен, како и подготовки за пристигнувањето на вториот тим.
„Тимот брзо се подели на помали тимови кои се упатија на различни места за спасување во градот Адијаман“, се додава во соопштението.
Инаку, Владата на Северна Македонија на вчерашната 128. владина седница донесе одлука за дополнително испраќање 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на Републичките сили за заштита и спасување, за учество во давањето помош на Туркије во санирањето на последиците од земјотресот.
„Се испраќа и, според информацијата од Дирекцијата за заштита и спасување, комплетна специјализирана опрема и материјално-технички средства за пребарување и спасување од урнатини, 10 возила за транспорт на опремата и луѓето“, беше истакнато во соопштението на Владата.