Husamedin Gina
14 Октомври 2019•Ажурирај: 15 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Турска стопанска делегација од градот Зиле, во турската црноморска област Токат, составена од производители и трговци со земјоделски машини и прехранбени производи, денеска ја посети Македонско-Турската стопанска комора (МАТТО), јавува Anadolu Agency (AA).
Во текот на дводневната посета бизнисмените од градот Зиле ќе се сретнат со бизнисмени од Северна Македонија, со цел развивање на соработката во областа на земјоделството.
На денешната средба која се одржа во просториите на МАТТО, присуствуваше и Огузхан Бербер, главен советник за трговски односи при Амбасадата на Република Турција во Скопје.
Претседателот на Управниот одбор на Стопанско-индустриската комора на градот Зиле, Неџати Биџе, во изјавата за медиумите истакна дека целта на посетата е да се зголеми трговијата со Северна Македонија и дека за тоа има сериозен потенцијал.
„Приоритет на нашата посета на [Северна] Македонија е како да се зголеми постојната трговија со трактори, и како тоа ние да го изведеме непосредно. Исто така, како да ја зголемиме и трговијата на нашите други членки од областа на земјоделството, земјоделските машини, од секторот на храна и машините за производство на прехранбени продукти. Бидејќи увидовме дека во [Северна] Македонија има сериозен потенцијал, а исто така имаме заеднички корени од минатото и заедничка култура“, нагласи Неџати Биџе.
Заменик-претседателот на МАТТО, Имер Селмани, истакнувајќи дека Турција има развиено земјоделство, рече дека денешната средба е добра можност за развивање на соработка помеѓу турските и компаниите од Северна Македонија кои работат во областа на земјоделството.
„Сите ние знаеме дека во Република [Северна] Македонија има потенцијал во земјоделството, којшто за жал не е докрај искористен онака како што може да биде искористен, а сите пак, од друга страна знаеме дека Република Турција има добро развиено земјоделство, има многу добра, успешна земјоделска механизација“, истакна Селмани, додавајќи дека денешната средба е добра можност за развивање на соработката помеѓу земјоделците и помеѓу компаниите, не само во делот на продажбата туку и во делот на заедничкото производство и пласманите во трети земји од нашата земја.
По посетата на Северна Македонија, бизнисмените ќе ја посетат и Црна Гора.
Земјоделството, сточарството и трговијата се главните економски активности на Зиле, кој е центар за производство на житарици и е еден од најголемите извозници на пченица, јачмен, леќа и граорки во регионот на Црното Море.
Градот Зиле, исто така е познат и по производство на грозје, леблебии, цреши и друго овошје.