Kemal Zorlak
09 Октомври 2024•Ажурирај: 10 Октомври 2024
САРАЕВО (АА) - Министерот за национално образование на Туркије, Јусуф Текин, кој е во работна посета на Босна и Херцеговина, рече дека ова подрачје било изложено на еден од најголемите геноциди во поновата човечка историја и дека токму овие простори денес може бидат најкомпетентен пример и место од кое ќе биде пратено барање за слободен и праведен свет што ќе стави крај на постојаните репресии и масакри низ светот, особено во Палестина и Либан, јавува Анадолу.
Текин во рамките на престојот во Босна и Херцеговина го посети кампусот на Меѓународниот универзитет во Сараево (МУС), по што зборуваше на церемонијата одржана по повод почетокот на новата академска 2024-2025 година и одбележувањето на 20 години работа на МУС.
На почетокот на своето обраќање турскиот министер Текин упати сочувство до семејствата на починатите во поплавите во Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека неговата земја ќе продолжи да ја поддржува Босна и Херцеговина во овие тешки моменти.
Зборувајќи за важноста на универзитетите, Текин потсети дека тие, генерално, претставуваат структури што служат за образување на нови генерации кои ќе можат да ги надминат тековните неправди, влиејќи врз подрачјата во кои живеат или во целиот свет, лица кои ќе бидат пионери на перспективата на мирот и правдата на човештвото.
„Тоа може да го започнеме токму овде, од ова подрачје што беше изложено на еден од најголемите геноциди во поновата човечка историја. Може да го претставиме како најкомпетентен пример за барањето за слободен и праведен свет што ќе стави крај на постојаната репресија и масакри низ целиот свет, особено во Палестина и Либан.“
Понатаму Текин изјави дека земјите што имаат воена, индустриска и економска моќ имаат воспоставено систем на експлоатација на глобално ниво, обликувана од политички, економски, културни, верски, национални причини или други параметри. Поради позицијите на моќниците, принципите на универзалното право остануваат само дискурс што убаво звучи и често се инструментализирани како камуфлажа за прикривањето на тековните нееднаквости и неправди.
Тој рече дека дури и структурата на Обединетите нации, која наводно била формирана за воспоставување и заштита на светскиот мир и безбедност, јасно го открива овој факт.
„Многу меѓународни организации, вклучително и ОН, кои ги користат за создавање економска, социјална и културна соработка меѓу луѓето во светот, се под контрола на доминантни земји што управуваат и го насочуваат глобалниот свет според своите интереси. Односите меѓу петте земји што ги координираат ОН и остатокот од светот се или може да се уредуваат според заедничките интереси на овие пет земји, а понекогаш дури и според индивидуалните интереси на која било од овие земји. Меѓутоа, како што истакнува нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган во секоја пригода, 'светот е поголем од пет'. Светот е навистина поголем од пет“, изјави Текин.
Укажувајќи на важноста на Босна и Херцеговина и на Балканскиот Регион за неговата земја, Текин додаде:
„Сакаме заедно да одиме напред кон праведна и слободна иднина со повторно воспоставување и силно зајакнување на нашите врски со сите братски земји и територии, особено Босна и Херцеговина и Балканот.“
Тој рече дека денес сака да се потсети и на мудриот лидер Алија Изетеговиќ, кој, како што рече, бил еден од важните бранители на вредностите за кои зборувал.
„Алија, човек од акција и идеи, кој својот живот им го посвети на единството, опстанокот и правдата на муслиманите, со своите идеи и борба ја расветли безизлезната ситуација во која се наоѓа денешниот свет. Верувам дека сите наши студенти на факултетот ги проучуваат Алија Изетбеговиќ и неговиот свет на идеи“, додаде Текин и им посака успех на вработените и на сите студенти во претстојната нова академска година.
Во меѓувреме, говорејќи за важноста на образованието, заменик-претседавачот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание, Денис Звиздиќ, истакна дека најдобри институции се оние што имаат образовен карактер.
„Доколку младите не ги научиме на вистинските вредности во животот, ако не ги научиме да бидат морални, солидарни, праведни, добри кон своите колеги, пријатели, родители и целото општество, тогаш, секако, ништо не сме постигнале. Цврсто сум убеден дека секое општество ќе напредува доколку секој од нас биде најдобар во работата што ја работи“, рече Звиздиќ.