Kemal Zorlak
11 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
НОВИ ПАЗАР (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој престојува во дводневна посета на Србија, денес допатува во Нови Пазар, каде што го дочекаа илјадници насобрани граѓани, јавува Anadolu Agrncy (AA).
По вчерашната посета на главниот град на Србија, Ердоган го искористи вториот ден од својот престој во Србија за посета на Нови Пазар. Во придружба на Ердоган, во Нови Пазар допатува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Доаѓањето на Ердоган предизвика воодушевување меѓу големиот број граѓани насобрани во центарот на Нови Пазар, а Ердоган по доаѓањето ги поздрави.
По повод посетата на турскиот претседател, во Нови Пазар владее празнична атмосфера. Насобраните граѓани ги носат државните знамиња на Турција и на Србија, како и знаме на турската Партија за правда и развој (АК Партија), чиј претседател е Ердоган. Спроти зградата на Управата на градот Нови Пазар, истакнат е и голем транспарент „Вучиќ-Ердоган“.
Ердоган и Вучиќ во Градската управа се состанаа со градоначалниците и началниците на општините Нови Пазар, Рашка, Краљево, Сјеница, Тутин, Пријепоље, Нова Варош и Прибој, а потоа се потпишани и четири договори меѓу српските општини и организации од Република Турција, во врска со изградба и реставрација на повеќе објекти. На состанокот присуствуваа голем број министри од Турција и од Србија.
Градоначалникот на Нови Пазар, Нихад Бишевац, претседателот на Исламската заедница Мешихат во Србија, Мевлут Дудиќ, и генералниот директор на Вакуфската дирекција на Република Турција, Аднан Ертем, потпишаа Изјава за намерата за соработка меѓу градот Нови Пазар, Мешихатот на Исламската заедница во Србија и Вакуфската дирекција на Република Турција, во врска со проектот за реставрација на амамот на Гази Иса во Нови Пазар.
Началникот на општина Рашка, Игњат Ракетиќ, и генералниот директор на Вакуфската дирекција на Република Турција, Аднан Ертем, потпишаа меморандум за разбирање во врска со проектот за реставрација на парната бања во Јошаничка бања во Рашка.
Градоначалникот на Нови Пазар, Нихад Бишевац, и претседателот на Меѓународната турска агенција за соработка и координација (ТИКА), Сердар Чам, потпишаа протокол за соработка, за реализација на проектот на изградба на новиот објект на претшколската установа „Младост“ во Нови Пазар.
Бишевац и Чам, исто така, потпишаа протокол за соработка за изградба на мостот во центарот на Нови Пазар, како и приклучни патишта.
Планирано е претседателите на Србија и Турција да прошетаат во Нови Пазар и да разговараат со граѓаните.
Во Србија, со претседателот Ердоган престојува неговата сопруга Емине Ердоган, како и началникот на Генералштабот на вооружените сили, генералот Хулуси Акар, заменик-премиерот Фикри Ишик, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за енергетика и природни ресурси, Берат Албајрак, министерот за ЕУ и главен преговарач, Омер Челик, министерот за околина и урбанизам, Мехмет Озхасеки, министерот за економија, Нихат Зејбекчи, министерот за прехрана, земјоделство и сточарство на Турција, Ахмет Ешреф Факибаба, министерот за шумарство и водостопанство, Вејсел Ероглу и министерот за сообраќај, поморство и комуникации, Ахмет Арслан.