Stipe Majic
27 Февруари 2020•Ажурирај: 28 Февруари 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Центарот за цивилна заштита на Република Хрватска на редовна прес-конференција извести за мерките што се преземаат во спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19) во Хрватска. Потврдено е дека досега се детектирани само три случаи на зараза со коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство, Вили Берош, изјави дека во тек е тестирањето на 131 болен, 24 тестирања се во тек, од кои само три се со потврдени наоди за коронавирус.
Тој за попладне го најави отворањето на новата Амбуланта за инфектологија на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“ и посебна сала за чекање за потенцијално сомнителните пациенти. Министерот за здравство рече дека не очекува дека ќе дојде до загрозување на адекватното функционирање на здравствениот систем, како во Хрватска, така и во Европа.
Алемка Маркотиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“, рече дека двајцата пациенти, двајцата браќа близнаци кои се на оваа клиника, се добро и имаат поблаги форми на болеста.
„Покрај антивирусот што се применува за ХИВ, на пациентите со коронавирус во Италија како терапија им се дава експериментален лек за ебола“, изјави Маркотиќ.
Министерството за надворешни и европски прашања издава препораки за патувања на својата официјална веб-страница, кои редовно се ажурираат.
Директорот на Хрватскиот завод за јавно здравје, Крунослав Чапак, извести дека епидемиолозите идентификувале седум блиски контакти на третиот случај на коронавирус во Ријека и дека овие лица биле ставени под надзор, како и семејството на пациентот.
Граничната полиција соработува со епидемиолози и санитарни инспектори, така што во текот на изминатите 24 часа се издадени околу 400 решенија за здравствен надзор над лица кои доаѓаат од потенцијално опасни области во странство.
Покрај мрежните податоци добиени од граничната полиција за патниците од транспортниот систем, потребно е и соработување на самите патници, особено во патниот превоз. Патниците се замолуваат да се пријават во самата гранична полиција на границата доколку престојувале во потенцијалните извори на заразата.
Хотелот „Томислав“ во Сjемен ќе биде место во кое ќе бидат сместени лицата под надзор, кај кои не е утврдена присутност на коронавирус и кои ќе останат во изолација 14 дена сè додека не се потврди постоењето или отсуството на коронавирусот.
Нови земји во кои од вчера има појава на коронавирусот се: Северна Македонија, Норвешка, Романија, Грција и Грузија.
Центарот на цивилната заштита на Република Хрватска е составен од ресорни министри, полициски службеници и епидемиолози.