Husamedin Gina
05 Јули 2019•Ажурирај: 06 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, придружуван од генералниот секретар Цветанка Иванова, денес оствари средба со директорот на Комисијата за социјални развојни работи на Секинескиот народен конгрес, Хе Јитинг, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието, на средбата биле поздравени пријателските односи кои се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемното почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и рамноправноста на двете земји.
„Двете страни се согласија дека директните средби и размената на мислења и искуства значително придонесуваат за унапредување на пријателските врски меѓу двете држави и за создавање на поволен амбиент за соработка во различни области од заеднички интерес“, се нагласува во соопштението од Кабинетот на Џафери.
Директорот Хе Јитинг на денешната средба информирал за работата на Комисијата за социјални развојни работи, како една од десетте комисии на Секинескиот народен конгрес, која се занимава со прашањата за вработувањето, социјалната заштита, безбедноста при работа и заштитата на правата на жените и децата.
Претседателот Џафери, како што соопштуваат од неговиот Кабинет, се осврнал на новиот Закон за социјална заштита донесен од Собранието, со кој се зголемуваат обврските на институциите за одредени категории граѓани, и изрази спремност за споделување искуства во решавањето на одредени прашања од социјалната сфера.