Gökhan Kurtaran
15 Август 2018•Ажурирај: 16 Август 2018
ЛОНДОН (АА) - ЃОКХАН КУРТАРАН - Инвеститорот Марк Фабер, кој е познат по своите проценки за кризите на меѓународните финансиски пазари, истакна дека Турција поседува опции во насока на нови соработки, дека ќе купи одредена количина турски акции, како и дека е вистинско време за вложување во турски имоти, јавува Anadolu Agency (AA)
Фабер, кој истовремено е уредник и издавач на „The Gloom, Boom & Doom Report“, во изјава за АА истакна дека надворешната и економската политика на САД се погрешни. „Трамп не води дипломатија во надворешната политика. Тој е како слон во продавница за стакларија. Се задева со секого, но не постои некоја дипломатија“, додаде тој.
Фабер нагласи дека по настанатите случувања во последниот период, Турција поседува алтернативни опции.
„НАТО е картата против Трамп што ја има Турција. Во Турција постојат исклучително значајни бази на НАТО. Турција на долг рок поседува две опции: може да остане во НАТО, зближувајќи се со Европа, или може да се вклучи во Шангајската организација за соработка. Ова покажува дека Турција го напушта Западот или ќе има послаби односи, и дека ќе ги зајакне односите со Русија и Кина. Ова е една можност во рацете на почитуваниот Ердоган. Сметам дека Трамп не разбира оти ова е многу реална веројатност“, рече Фабер.
- „Ќе купам турски акции“
„Ќе купам одреден износ турски акции. Моментално поседувам турски обврзници. Според мене, време е да се инвестира во турски имоти“, истакна Фабер.
Според Фабер, со цел во наредниот период да не биде погодена од испарливост, Турција треба да ја намали чувствителноста, да го стесни трговскиот дефицит и да го елиминира дефицитот на тековната сметка.
Фабер истакна дека трговските политики на претседателот на САД, Донал Трамп, можно е да го повлечат светот во рецесија.
„Економистите околу Трамп веруваат дека причина за трговскиот дефицит на САД е увозот од Кина. Кина е индикатор за намалената конкурентна сила на САД. Капиталните инвестиции на САД во последните 20-30 години се ниски. Економистите веруваа дека треба да се зголеми потрошувачката за да се зголеми растот. Нормално дека последица на тоа е зголемување на трговскиот дефицит“, додаде Фабер.
Како што рече тој, можно е да бидат деструктивни последиците од трговските војни започнати од страна на САД.
„Трговските војни се целосно лудило. Продолжуваат во еден период кога веќе глобалната економија е забавена. На пример, видете ги цените на бакарот, целосно се во пропаст. Ова е показател на тоа дека глобалната економија постојано се забавува. Јас мислам дека се движиме кон рецесија“, нагласи инвеститорот Марк Фабер.