Ahmet Dursun
09 Јули 2022•Ажурирај: 11 Јули 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Директорот на Централната банка на Иран, Али Салихабади, изјави дека погодени од западните санкции, Иран и Русија постигнале голем број неопходни договори од областа на банкарството, финансиите и економијата и дека врз основа на тоа планираат билатералната трговија да ја водат во национални валути, наместо да го користат американскиот долар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Салихабади се врати од официјална посета на Русија и пред новинарите во Техеран изјави дека на средбите со руските претставници биле направени низа важни чекори кон зајакнување на билатералните односи.
Тој истакна дека двете земји имаат намера да ја исфрлат употребата на доларот и еврото од билатералната трговија и да користат исклучиво домашни валути.
„Во блиска иднина ќе ги имплементираме постигнатите договори, кои во голема мера ќе ја олеснат руско-иранската трговија“, рече Салихабади по дводневниот престој во Москва.