Furkan Abdula
10 Октомври 2022•Ажурирај: 11 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, го презентираше новиот пакет антикризни мерки во вредност од над 350 милиони евра, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, Ковачевски нагласи дека никого нема да остават сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза.
„Со новиот сет мерки од над 350 милиони евра, кризата ќе ја пребродиме заедно, никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците“, напиша Ковачевски на социјалните мрежи.
Според него, субвенционираат 80 отсто од струјата за 661.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи, фирми кои вработуваат речиси 98 отсто од работниците во Северна Македонија.
Тој рече дека над 330.000 пензионери ќе добијат повисоки пензии согласно новата методологија.
„6.000 денари во наредните 4 месеци ќе добијат пензионерите кои земаат до 11.525 денари пензија. 3.000 денари во наредните 4 месеци ќе добијат и пензионерите кои земаат од 11.526 денари до 14.000 денари пензија. 3.000 денари еднократна помош за 36.000 домаќинства приматели на гарантирана минимална помош. 3.000 денари месечно во наредни 4 месеци ќе се исплатат на речиси 42.000 лица од ранливи категории“, додаде тој.
Како што истакна Ковачевски, ги субвенционираат платите, се грижат за работниците и најзагрозените во услови на една од најтешките економски и енергетски кризи.
„365 основни и 109 средни училишта ќе се на регулиран пазар за струја, за да може образовниот процес да тече непречено. Болниците и мерните станици за водни пумпи ќе купуваат евтина струја од ЕСМ“, рече тој.
Нагласувајќи дека предвидени се повеќе евтини кредитни линии за стопанството за одржување на ликвидноста, Ковачевски истакна дека се обезбедени средствата за поврат на ДДВ и пред законскиот рок од 30 дена за да има зголемена ликвидност, и дека се обезбедени средства за граѓаните корисници на „Мој ДДВ“.
„Предвидени се и субвенции во земјоделството за обезбедување храна, зголемување на приноси, стимулирање продуктивност, поголема конкурентност“, додаде премиерот Ковачевски.