Husameddin Gina
11 Септември 2018•Ажурирај: 12 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за финансии на Република Македонија, Драган Тевдовски, денеска со потпретседателот на Европската инвестициска банка, Ендрју Мекдауел, потпишаа договор за кредитна линија од 100 милиони евра за финансирање на мали и средни претпријатија, а на потпишувањето на договорот присуствуваше и премиерот на Република Македонија Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
На македонските мали и средни претпријатија од денеска им е достапна кредитна линија од 100 милиони евра. Кредитната линија ќе се пласира преку Македонската банка за поддршка и развој и 11 деловни банки.
Договорите со деловните банки се очекува да се потпишат до крајот на септември, а од средината на следниот месец малите и средните претпријатија ќе можат да аплицираат за добивање кредити.
Кредитите ќе се добиваат по транши од 5 милиони евра, а фирмите ќе можат да учествуваат со проекти во вредност од 6 илјади евра до 3 милиони евра.

- „Малите и средни претпријатие се ̓рбет на економијата“ -
Премиерот Зоран Заев, при потпишувањето на договорот потсети дека Европската инвстициска банка е наголемата светска институција од овој тип, која обезбедува финансиска и експертска поддршка за големите одржливи инцестициски проекти, кои во суштина се придонес кон остварување на политиките и целите на ЕУ.
„Тоа значи дека ЕУ и нејзините финансиски институции за поддршка на развојот на земјите кандидати за членство во ЕУ ги препознаа позитивните сигнали од македонската економија и трендовите за одржлив развој. Најновото признание ни доаѓа како многу поволен кредит во висина од 100 милиони евра“, истакна премиерот.
Според премиерот Заев, новата кредитна линија е потврда за добрата кондиција и движење на македонската економија.
„Сите овие позитивни економски индикатори покажуваат дека се враќа довербата на инвеститорите во нашата економија токму поради издржаните економски политики и решителните политички чекори напред за членство на земјата во ЕУ и НАТО“, додаде Заев.
За заменик-директорот на Европската инвестициска банка, Ендрју Мекдауел, малите и средните претпријатија се ̓рбет на економијата и затоа клучната поддршка е наменета за нив.
„Со оваа кредитна линија се поддржува приближувањето на земјава кон ЕУ“, рече Мекдауел и најави дека во иднина ќе се фокусираат на поддршка на транспортот, енергијата и заштитата на животната средина во земјава.
Поддршката на Европската инвестициска банка во Македонија досега изнесува 450 милиони евра.