Ata Ufuk Şeker
08 Октомври 2021•Ажурирај: 11 Октомври 2021
БРИСЕЛ (АА) - АТА УФУК ШЕЌЕР -
Меѓународните компании кои дејствуваат во секторите за мебел, текстил, фармација и пакување, своето производство и инвестиции од неодамна го насочија кон Турција, пишува Агенција Анадолија (АА).
По сериозното нарушување на глобалната трговија со појавата на епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), на виделина излегоа нови проблеми со почетокот на економското закрепнување.
Со заживувањето на економиите, во услови на зголемена побарувачка, почнаа да се случуваат прекини во синџирите на производство и снабдување, особено на компаниите кои се фокусирани кон земјите од Азија.
Експоненцијалното зголемување на трошоците за превоз на долгите релации ја претвори Турција во атрактивен инвестициски и производствен центар за многу странски меѓународни компании.
Особено европските компании што се снабдуваа од азиските земји како што е Кина, поради зголемените трошоци за транспорт и кризата со контејнери, своето снабдување го насочија кон поблиски и стабилни центри како што е Турција.
- Ги објавија своите инвестициски планови -
Во последните неколку дена, голем број меѓународни компании со седиште во Европа, кои работат во области како што се мебел, фармацевтски производи, текстил и амбалажа, ги објавија своите нови инвестициски планови за Турција, која поседува силна логистичка инфраструктура и можности.
Керим Нишел, заменик-генерален директор и финансиски директор на шведската компанија за мебел ИКЕА, објави дека компанијата планира да купи повеќе производи од Турција и да го зголеми моменталното производство.
ИКЕА објави дека во Турција ќе произведува и оттаму ќе извезува фотелји, софи, полица за книги, гардеробери и кујнски ормари.
Полската компанија за конфекција ЛПП, исто така, објави дека работи на префрлување на дел од производството од Азија во Турција, бидејќи е поблиску до Европа.
Претставници на ЛПП информираа дека имале средби со претставниците на турската текстилна индустрија и дека и покрај високите трошоци за производство, Турција била поповолна во однос на транспортот и синџирот на снабдување.
Германската фармацевтска компанија „Борингер Ингелхајм“, исто така, соопшти дека ќе направат значителни инвестиции во Турција.
Компанијата „Борингер Ингелхајм“, една од светските фармацевтски компании, започна проект за локализација со фирмата „Абди Ибрахим“ во Турција и информира дека компанијата, покрај клиничките истражувања и студии, во Турција ќе ги произведува своите производи наменети за дијабетес, централниот нервен систем и за кардиоваскуларни заболувања.
Германската компанија првично ќе инвестира 150 милиони лири (околу 14,53 милиони евра) во Турција и планира оваа сума во иднина да се зголеми на 1 милијарда лири (околу 96,9 милиони евра).
Белгиската меѓународна компанија за пакување „ДВ Ријузеблс“, исто така, ги насочи своите активности кон Турција.
Компанијата „ДВ Ријузеблс“ ги купи фирмите „Етап Енјексијон“ и „Етап Доган“, кои произведуваат гајби, палети и контејнери за складирање и логистика, и информира дека планира да извезува значителен дел од производите што ќе ги произведува од Турција.
Во последно време, има доцнење на производството во земјите од Азија. Слично на тоа, постојат и проблеми во транспортот на производи што се транспортираат по морски пат. Заедно со тоа, и цените на транспортот го достигнаа врвот.
Покрај тоа, како еден од главните проблеми во доцнењето со снабдувањето се наведува брзото зголемување на трошоците за транспорт на производите на долги растојанија.