Mücahithan Avcıoğlu
01 Септември 2026•Ажурирано: 01 Септември 2026
Јапонија и САД се согласија дека континуираната соработка е клучна за одржување стабилни движења на јенот и за зачувување на глобалната финансиска стабилност, изјави денес јапонската министерка за финансии, Сацуки Катајама, јавува Анадолу.
Катајама се сретна со американскиот министер за финансии Скот Бесент на маргините на дводневниот состанок на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Групата 20 (Г20) во Ешвил, Северна Каролина.
„Потврдивме дека уредниот девизен курс на јенот е од суштинско значење за стабилноста на глобалните финансиски пазари, вклучително и оние во САД, и дека продолжените координирани напори на Јапонија и САД придонесуваат за постигнување на оваа заедничка цел“, изјави таа за новинарите по средбата.
Двајцата претставници повторно ја потврдиле и важноста на неодамнешната заедничка интервенција на нивните земји на девизниот пазар.
Средбата се одржа по околу еден месец откако Јапонија и САД спроведоа прва координирана интервенција за купување јени од азиската финансиска криза во 1998 година.
Интервенцијата беше започната на 31 јули, откако јенот ослабе на најниско ниво во последните 40 години, достигнувајќи речиси 164 јени за еден долар.
Јапонија потрошила рекордни 15,4 билиони јени (96 милијарди долари) од крајот на јули до август за поддршка на својата валута, покажуваат податоците објавени минатата недела од Министерството за финансии.
Овој потег привремено го зајакна јенот, но валутата брзо ги избриша добивките и кон крајот на минатата недела повторно падна под психолошки важната граница од 160 јени за долар.
Катајама одби да коментира дали неодамнешните движења на јенот се стабилни, но нагласи дека Токио останува подготвен да преземе одлучни мерки против прекумерните и хаотични флуктуации.
Слабеењето на јенот во голема мера е предизвикано од големиот јаз меѓу каматните стапки во Јапонија и САД. Иако послабата валута им помага на јапонските извозници, таа истовремено ги зголемува трошоците за увоз на енергија, храна и суровини, што негативно влијае врз потрошувачката на домаќинствата.
Пред средбата, Бесент изјави дека очекува јапонската Влада и Банката на Јапонија да преземат дополнителни чекори што би довеле до зајакнување на јенот.
Сепак, висок јапонски претставник од Министерството за финансии изјави дека Бесент не упатил конкретно барање за време на средбата која траела околу 30 минути, објави „Кјодо“.
Катајама, исто така, го информирала Бесент за напорите на Јапонија да постигне рамнотежа меѓу економскиот раст и фискалната одржливост, во услови на загриженост поради големиот јавен долг на земјата.