Mehmet Akif Turan
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Среде раздвижениот метеж на Централниот пазар во Тунис се наоѓа тезгата на Хамза Ајари на којашто тој ги продава портокалите и лимоните со декорирање на тезгата која стана вистинска атракција меѓу домашните и странски туристи, јавува Анадолу.
Ајари, кој на само 5-годишна возраст започнал да работи на пазарот со својот татко и чичко, денес се издвојува со својот естетски пристап кон професијата што ја негува со децении.
Познат во јавноста под прекарот „Кралот на цитрусите“, Ајари во изјава за Анадолу вели дека „најголемиот дел од својот живот го поминал токму тука, на Централниот пазар“.
Истакнувајќи ја својата длабока посветеност, тој додава: „Си ја сакам работата и секој ден се трудам да бидам уште подобар.“
- Тој преку естетиката создава разлика -
На својата тезга, Ајари ги реди производите со чувство за естетика. Тој не само што ги продава производите, туку и ги промовира низ декор: „Мојата улога не е само да продавам, јас украсувам, создавам декор и ги презентирам плодовите.“
Ајари е вистински познавач на јужното овошје и на своите муштерии со задоволство им објаснува како и во кои јадења најдобро се користат неговите плодови.
„Знам кој производ за што е соодветен. Тоа ми помага подобро да ја работам мојата работа,“ вели тој, нагласувајќи дека во неговиот занает „уметноста и трговијата се спојуваат во едно“.
- Тој зема присуство и на фестивали -
Како чест гостин во кулинарските емисии и фестивали, Ајари не се доживува себеси само како обичен трговец, туку како еден од клучните луѓе во промоцијата на Тунис и неговиот Централен пазар.
„Горд сум што работам овде. Мојата цел е да ги претставам туниските производи во најдобро светло,“ вели тој.
„Се гледам себеси како еден вид амбасадор на овој пазар. Сакам луѓето, кога ќе дојдат тука, да го видат целото богатство на Тунис”, истакна Ајари, додавајќи дека неговата примарна цел е да придонесе во промоцијата на локалните производи, со посебен акцент на цитрусите.
Неговиот естетски пристап почнал да се шири и кај другите занаетчии, создавајќи позитивна и креативна конкуренција.
Упатувајќи порака за значењето на трудот, тунискиот трговец укажа на важноста на тоа да се работи квалитетно и да се достигне мајсторство во професијата, истакнувајќи: “Верувам дека со работа, сè ќе стане уште подобро.”
- Стана омилена точка за туристите -
Благодарение на снимките на социјалните мрежи, тезгата на Ајари стана задолжителна станица за туристите.
Ненси, туристка од Кина, вели дека уште со првиот чекор на пазарот почувствувала дека Тунис е прекрасно место и не ја пропуштила приликата да се фотографира пред декорираната тезга на Ајари.
- „Тој се издвојува и по својата хуманост и по својата работа“ -
Пензионерот Нуредин ел-Авине го опишува Ајари како човек кој се истакнува со својата човечност, но и со знаењето за занаетот. „Тој е многу добар човек. Се издвојува и по својата хуманост и по производите што ги нуди. Ги познава и јагодите и мандарините – знае сè за нив. Неговиот говор и сликата што ја создава се природни и автентични. Тој навистина е уметник,“ вели Ел-Авине.