ИСТАНБУЛ (АА) - Под влијание на амбиентот на познатата Сина џамија, позната и како џамијата „Султанахмет“ во Истанбул, за време на турнеја во Турција пред две години, една млада Британка започнала да го истражува исламот, а подоцна го посветува својот живот на промовирање на исламот.
Аиша Розали (24) за Агенција Анадолија (АА) ја раскажа приказната за нејзиниот живот - од личност што живеела со сон да стане актерка до моментот кога го открила исламот во Истанбул.
„Пред да станам муслиманка, немав никаква религија. Верував дека постои Бог. Се сеќавам како дете секогаш зборував со Бога“, изјави таа.
Розали рече дека нејзините родители не биле религиозни и дека таа никогаш не познавала религиозни луѓе пред да го прифати исламот.
„Кога дојдов во Турција, немав намера да најдам религија. Преку Гугл и открив дека имаат Сина џамија и помислив дека можеби ќе можам да ја посетам“, рече таа.
Розали вели дека била исплашена затоа што немала добро мислење за муслиманите бидејќи сите нејзини информации за нив дошле од западните медиуми.
„Тоа беше единствениот вид мислење за исламот што го имав“, изјави таа.
- Пронаоѓање мир -
Пред да ја посети џамијата, таа отишла до локалната продавница да купи хиџаб бидејќи сакала да покаже почит.
„Не сакав никого да навредам со неносењето хиџаб. Помислив дека можеби луѓето ќе ми се налутат. Па, купив хиџаб само за да влезам во џамијата“, изјави таа.
Таа рече дека наишла на религиозен материјал за исламот, но во тоа време не знаела што значи тоа.
„Дури не ни знаев како да го изговорам“, изјави таа.
Кога влегов во Сината џамија, зедов теспих или бројаница и започнав да кажувам молитва.
„Седев еден час со бројаницата. Разгледував наоколу во џамијата. Беше преубаво и мирно, не можев да верувам. Ги гледав луѓето како се молат пред мене. Бев обземена со убавината и мирот во џамијата. Никој не викаше кон мене, никој не беше лош кон мене, бев шокирана“, изјави таа.
Розали рече дека барала примероци од светиот Куран откако ја напуштила џамијата на патот кон хотелот.
„Си помислив дека можеби треба да земам еден примерок и да го прочитам“, изјави таа, додавајќи дека купила Куран преведен на англиски јазик и дека започнала да го чита во својата хотелска соба.
Розали раскажа дека продолжила да го чита Куранот откако се вратила во Велика Британија, сè додека не ја завршила целата книга.
„Ми беа потребни неколку месеци и за тоа време направив многу истражувања за исламот и гледав многу предавања. По неколку месеци го кажав шехадетот и станав муслиманка. Елхамдулилах (благодарение на Бога) тоа беше мојата приказна“, изјави таа.
- „Сè се промени во мојот живот“ –
„Сè се промени во мојот живот“, рече таа во разговорот.
Нагласувајќи дека нејзиното семејство не било сигурно во врска со нејзината одлука за преминување во ислам, Розали изјави дека нејзината мајка пребарувала на интернет за да пронајде информации за муслиманите што ги споделувала со неа.
„Тоа ме принуди да научам повеќе за да ја натерам да ги разбере убавината, мирот, сè што стои зад исламот“, рече таа.
Розали нагласи дека смета дека личниот карактер е најдобрата форма на давет или претставување на исламот.
„Тоа е најдобриот начин да ги привлечете луѓето кон религијата. Бидејќи мислам дека преку мојот карактер ѝ помогнав да ја разбере убавината на исламот. Разговарав со неа повеќе, се обидов да бидам поучтива со неа, затоа што во нашата религија тоа е важно.“
„Имаме родители. Треба да се грижиме за нив, треба да бидеме добри со нив.“
- Повторно родена -
Розали вели дека доаѓањето во Турција е една од главните причини за станувањето муслиманка.
„Тоа е затоа што видов добри муслимани, луѓе со добар карактер. Тие ме натераа да помислам 'сакам да бидам таква личност'. Тоа ме направи подобра. Ме направи посреќна. Се чувствував како повторно родена. Сакав да започнам од почеток. Сакав да ги оставам своите гревови зад себе“, рече таа.
Говорејќи за нејзиниот живот пред да го прифати исламот, Розали рече дека одела на обука за да биде актерка.
Нагласувајќи дека тоа бил нејзиниот сон долго време, Розали раскажа дека започнала со глумата кога имала 14 години.
„Глумев одредено време и одев на обука во Лос Анџелес. Живеев во Америка. Тоа беше целиот мој животен стил, тоа беше мојот сон со години. Пишував исто така и некои сценарија и режирав.“
Откако преминала во ислам, го оставила својот сон и отворила канал на Јутуб на кој споделува исламска содржина.
„Сакам да им помогнам на луѓето да се свртат повеќе кон религијата. Споделувам доста приказни за преминувањето во религијата. Мојата цел е промовирање работи што ќе им помогнат на луѓето во нивната религија“, изјави таа.
Зборувајќи на Плоштадот „Султанахмет“, таа изјави: „Апсолутно обожавам што се наоѓам тука. Ова е местото каде што го открив исламот. Ова е првата муслиманска земја во која сум била.“
„Се вратив тука со причина. Се вратив со мојот сопруг и сакав да му ги покажам прекрасните места во Истанбул. Луѓето тука се исто така прекрасни. Многу е убаво тука, неверојатно е“, изјави таа.