БУЖИМ (АА) - ЕМРЕ БАШТУГ - Славата на скромниот град во Босна и Херцеговина, Бужим, со население од 20.000 жители, ги надминува границите на земјата, бидејќи речиси во секое училиште и населба може да се забележат браќа и сестри близнаци, пишува Anadolu Agency (AA).
Во овој мал град, во кој и за време на војната во Босна меѓу 1992 и 1995 година се родиле 21 близнак, денес живеат над 150 близнаци.
Неџип Вучељ, кој за време на војната стана татко на близнаци, случајно ја забележал извонредната карактеристика на ова место додека барал да позајми детска количка.
Бројот на децата близнаци во Бужим забележа пораст и по војната. Бужим сега во народот е познат како „град на близнаци“, а речиси во секое училиште може да се забележат браќа и сестри близнаци.
Фактот што некои лица кои не се со потекло од Бужим, но се оженети со жени од овој град, имаат деца близнаци, предизвика гласини дека „чудото лежи во жените на Бужим“. Некои други лица овој феномен го поврзуваат со воздухот и водата на Бужим.
- Легендата на „Жените од Бужим“
Феноменот уште не доби некој научен одговор, но се верува дека жените на Бужим имаат една посебна генетска карактеристика.
Неџип Вучељ во разговор со АА го раскажа неговото откритие, а славата на овој град го носеше надвор од границите на земјата.
„Сакав да ги носам надвор и да ги прошетам моите деца. Му ја позајмив количката на еден другар кој има близнаци. Тој рече дека количката му ја дал на негов другар. Кога отидов кај неговиот другар, тој ми го даде истиот одговор. Кога и од третото лице го добив истиот одговор, забележав дека во Бужим има многу близнаци, и потоа започнав да го истражувам тоа“, рече Вучељ, истакнувајќи дека неговите близнаци се родени во 1994 година, период кога војната беше во тек.
Како резултат на направените истражувања, тој вели дека открил дека за време на војната во Бужим се родени 21 близнак, додека денес, како што рече тој, во градот живеат над 150 близнаци.
- „Оние кои сакaат да имаат близнаци треба да стапат во брак со жени од Бужим“
Вучељ раскажа дека отворил страница на Фејсбук со име „Бужим, град на близнаци“, преку која се обединуваат близнаците во овој град.
Тој рече дека, како и тој самиот, негов другар дошол во Бужим од некое друго место, и откако се оженил со жена од Бужим, имал близнаци.
„Ова е навистина многу интересно и неверојатно. Луѓето понекогаш велат дека тоа е поради воздухот и водата на Бужим. Резултатот до кој јас дојдов е дека причината се жените на Бужим. Оние кои сакaат да имаат близнаци, треба да стапат во брак со жени од Бужим“, додаде Вучељ.
Вучељ истакна дека Бужим е град кој има најмногу близнаци во однос на бројот на неговите жители.
Истакнувајќи дека продолжува со своите активности за Бужим официјално да биде прифатен како „Град на близнаци“, потенцираше дека очекува поддршка од општината во оваа насока, а, како што рече тој, продолжуваат и работите за едно „Здружение на близнаци“.
- „Во нашата населба живеат 10 близнаци“
Кемал Диздаревиќ, татко на 4-годишните браќа близнаци, Харис и Амир, нагласи дека Бужим сега е место познато по близнаци, и додаде дека во неговото семејство, како и во семејството на неговата сопруга, има близнаци.
Тој рече дека само во населбата во која живее тој се наоѓаат 10 близнаци.
Давуд Чатич (14), кој има сестра близначка, Сара, рече дека нивните баба и соседи имаат браќа или сестри близнаци.
Тој нагласи дека сака да го поминува времето со својата сестра.
„Речиси сè што правиме, правиме заедно. Во училиште учиме во ист клас. Заедно одиме на теквандо, на фолклор,а го учиме и читањето на Куранот“, додаде тој.