Burak Bir
30 Декември 2024•Ажурирај: 31 Декември 2024
ЛОНДОН (АА) - Една испушена цигара одзема 20 минути од очекуваниот животен век, покажуваат резултатите од најновото истражување објавено денеска во Велика Британија, јавува Анадолу.
Властите уште еднаш ги повикаа пушачите да се откажат од пушењето во 2025 година, бидејќи новата студија откри дека штетата од пушењето е поопасна отколку што мислеа здравствените експерти.
Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) открија дека секоја цигара во просек одзема приближно 20 минути од животот на пушачите, а едно пакување од 20 цигари може да го скрати животот на една личност за речиси седум часа.
Според истражувањето, ако некое лице, кое пуши 10 цигари дневно, се откаже од 1 јануари, тогаш може да спречи губење на цел ден од животот до 8 јануари.
Ако пушач се откаже од цигарите на Нова година, до 20 февруари би можел да спаси една недела од животот, а до крајот на годината да избегне да изгуби 50 дена.
Истражувањето се случи по воведувањето на значајниот предлог-закон за тутун и вејп, кој неодамна беше усвоен на второто читање во Долниот дом на Обединетото Кралство.
Нацрт-законот вклучува мерки за создавање на првата генерација без користење на тутун, со постепено укинување на продажбата на тутунски производи низ Велика Британија на сите родени по 1 јануари 2009 година.
Исто така, можно е да се прошири забраната за пушење во затворени простории на одредени надворешни средини за да се намали штетата од пасивното пушење.
„Пушењето е скапа и смртоносна навика, а овие наоди ја откриваат шокантната реалност на оваа зависност, нагласувајќи колку е важно да се откажете“, рече министерот за јавно здравје Ендрју Гвин во изјавата објавена од Министерството за здравство и социјална заштита.
Исто така, новото истражување спроведено од „Цензусвајд“ (Censuswide) покажа дека повеќе од половина (53 отсто) од пушачите планираат да се откажат од пушењето како одлука за новата 2025 година.
Властите велат дека пушењето е причина број еден за смрт, инвалидитет и лошо здравје во Велика Британија, кое може да се спречи.
Британското Министерство за здравство соопшти дека пушењето предизвикува околу 80.000 смртни случаи годишно во Велика Британија и 1 од 4 смртни случаи од карцином во Англија и убива до две третини од неговите долгорочни корисници.
„Од витално значење е луѓето да разберат колку е штетно пушењето и колку може да се подобри нивното здравје и животниот век“, рече Сара Џексон од „UCL Alcohol and Tobacco Research Group“.
Таа додаде: „Доказите сугерираат дека луѓето губат, во просек, околу 20 минути живот за секоја цигара што ја пушат. Колку побрзо лицето престане да пуши, толку подолго ќе живее. Откажувањето на која било возраст значително го подобрува здравјето и придобивките почнуваат речиси веднаш.“