Камерунски улични уметници со оштетен вид се борат за опстанок преку музиката
- Соочени со невработеноста и тешките економски услови, овие уметници се обидуваат да преживеат свирејќи на улиците, а со скромните и ограничени можности се здружуваат и изведуваат духовна, традиционална и модерна музика
Ahmet Emin Dönmez
22 Мај 2026•Ажурирај: 22 Мај 2026
photo: Ahmet Emin Dönmez / AA
ЈАУНДЕ
На многубројните улици во Јаунде, главниот град на Камерун, уличните уметници со оштетен вид пеат песни со кои не само што им даваат морална поддршка на луѓето туку и успеваат самостојно да заработат за живот, пишува Анадолу.
Во најфреквентните делови на градот, како што се Нонгканк, Брикетери, Моколо и Елиг-Есоно, живеат и творат голем број улични уметници со оштетен вид.
Соочени со невработеноста и тешките економски услови, овие уметници се обидуваат да преживеат свирејќи на улиците. Со скромните и ограничени можности со кои располагаат, тие се здружуваат и изведуваат духовна, традиционална и модерна музика.
Групите најчесто свират на гитара, тапани и маракас, и во текот на целиот ден настапуваат на тротоарите и на преполните крстосници.
Фотографија : Ahmet Emin Dönmez/AA
Работата им налага некогаш да свират на пеколни горештини, а некогаш на поројни дождови, но овие уметници со своите песни истовремено се трудат да им донесат утеха и позитивна мисла на луѓето, но и да ја заработат својата дневница.
Музичките групи составени од лица со оштетен вид, кои се вообичаена слика по улиците на Јаунде, се обидуваат да го привлечат вниманието на пешаците и возачите, особено во метежот на големите сообраќајници, и преживуваат исклучиво од ситните пари што минувачите им ги оставаат како бакшиш.
- „Ова е нашиот начин на служење“ -
Членовите на музичката група „La Voix du Triste“ (Гласот на тажните), која е составена од улични уметници со попреченост, за дописникот на Анадолу ја раскажаа својата музичка приказна по улиците на Јаунде и за предизвиците со кои се соочуваат.
Фотографија : Ahmet Emin Dönmez/AA
Тие споделија дека создавањето музика на улица за нив не е само обична уметност, туку вистинска, макотрпна борба за опстанок.
Стефани, една од вокалистите во групата, истакна дека со песните што ги изведуваат се трудат да бидат „гласот на немоќните“ во општеството: „Пееме за да ги исцелиме и спасиме душите. Ова е нашиот начин на кој им служиме на луѓето.“
Раскажувајќи дека со часови свират на неподносливи горештини, Стефани вели: „Гориме под сонцето, но немаме друг избор. Ова е мисија што ни ја дал Господ.“
Оно Езекиел, пак, кој е танчер и музичар во групата, сподели дека на улиците на Јаунде се присутни од вторник до сабота, и дека со парите што ќе ги заработат ја плаќаат киријата и се трудат да ги испратат своите деца на училиште. Објаснувајќи дека некои денови заработуваат едвај 500 ЦФА-франци (0,88 долари), а во некои подобри денови од 3 илјади (5,4 долари) до 4 илјади ЦФА-франци (7 долари), Езекиел вели: „Најчесто, ова не ни е доволно за да ги покриеме основните потреби.“
- „Поголемиот дел од уметниците по улиците на Јаунде се луѓе со оштетен вид“ -
Лицата со попреченост во Камерун се соочуваат со огромни потешкотии да најдат каква било работа: „Поголемиот дел од уметниците по улиците на Јаунде се токму луѓе со попреченост“, вели тој.
За да можат да обезбедат егзистенција, тие се принудени да патуваат и да свират во речиси сите делови на Јаунде, работејќи со часови на сонце и дожд.
„Можностите за добивање нормално вработување се речиси никакви, а кога и да се обиделе да започнат некаква мала трговија, неретко биле жртви на измами, грабежи и материјални загуби“, вели тој.
Езекиел вели дека лицата со оштетен вид во Камерун немаат доволно поддршка и упати апел дека државата мора да обезбеди поголема помош и конкретни можности за вработување на уметниците со попреченост.
Камерунски улични уметници со оштетен вид се борат за опстанок преку музиката