Enes Canlı
18 Април 2023•Ажурирај: 20 Април 2023
КУДС (АА) - ЕНЕС ЏАНЛИ - Нил Досоа (24), Французин со алжирско потекло, беше пречекан со голема љубов и воодушевување од многу Палестинци, откако за десет месеци испешачи 3.900 километри и стигна до џамијата Ал Акса во Кудс (Ерусалим), јавува Анадолу.
Досоа, кој пешачел 3.900 километри со торба за кампување на рамо, поминал низ десет земји, а во Месџидул Акса пристигна во последните денови од Рамазан.
Досоа, кој на пат од Франција до џамијата Ал Акса во Кудс, поминал низ Италија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Грција, Туркије, Кипар и Јордан, во интервју со новинарот од Анадолу за неговото патување истакна дека понекогаш се чувствувал добро, а понекогаш му било многу тешко.
„Потполно си сам, одиш и пред тебе е само патот. Тие патеки ги поминав само благодарение на луѓето на местата низ кои поминував. Запознав многу добри луѓе. Без нив не би можел. Немаше да успеам. Луѓето ми се насмевнуваа, малку ми помагаа. Тоа повторно ми даде храброст. Кога бев на пример во Туркије, луѓето беа гостопримливи кон мене“, вели Досоа.
Откако веста дека пристигнал во Кудс се проширила на платформите на социјалните мрежи, Досоа наишол на голем интерес и внимание кај Палестинците во џамијата Ал Акса, особено кај младите.
Тој изјави дека бил многу изненаден од нивниот интерес по пристигнувањето во Кудс.
„Ме дочекаа со искрено гостопримство. Многу сум среќен што сум овде. Не можам да ги опишам моите чувства. Многу сум среќен бидејќи знам дека за луѓето овде е многу важно некој да дојде во Ал Акса. А луѓето се многу среќни што дојдов овде, го чувствувам тоа“, изјави Досоа.
Семејството генерално ја поддржало „неговата авантура“, но Досоа изјавил дека неговата мајка била загрижена за целата ситуација и самото патување. Тој пренесе дека му рекла оти била многу горда на него кога ја видела снимката од неговото пристигнување во Кудс.
Младиот Французин и пред четири години престојувал во Кудс и вели дека е запознаен со ситуацијата на овие простори.
„Имам многу пријатели Палестинци. Многу сум среќен што сум овде бидејќи знам дека многу Палестинци не можат да дојдат тука, тие сонуваат за ова место“, рече Досоа.
На крајот, тој испрати порака до палестинскиот народ:
„Вие сте прекрасен народ, продолжете така. Вашите срца се големи и давате голем отпор. Држете ја главата горе. Се надеваме дека оваа ситуација ќе се подобри. Ја споделувам вашата болка. Јас и сите муслимани низ светот ве поддржуваме. Не губете надеж.“
Во следните месец и половина, Досоа планира да стигне до Саудиска Арабија, поточно во Мека, каде ќе ги изврши обредите на хаџот.