Tahsin Küçükkaraca
18 Септември 2026•Ажурирано: 18 Септември 2026
Шеесет и тригодишниот Мехмет Шакар од Анталија, Турција, кој веќе 50 години се занимава со изработка на ножеви, со традиционални методи произведува ножеви и истовремено го продолжува семејното занаетчиско наследство и се обидува на идните генерации да им го пренесе занаетот што полека исчезнува, пишува Анадолу.
Уште како дете Шакар покажал интерес за семејниот занает со изработка на ножеви, а на 13 години почнал да работи во работилницата на својот татко.
Во работилница од околу 10 квадратни метри во чаршијата Демирџилер, која ја наследил од татко му, Шакар изработува и остри ножеви, комбинирајќи ги традиционалните и современите методи.
За АА Шакар раскажа дека со занаетот почнал да работи во тешки услови и со ограничени можности, нагласувајќи дека татко му му бил и мајстор и учител.
Посочувајќи дека се обидува да го зачува занаетот со изработка на ножеви што го наследил од дедо му и татко му и дека со љубов ја работи оваа професија, Шакар рече:
„Веќе 50 години се занимавам со изработка на ножеви. Порано имаше многу луѓе што го работeа овој занает, но денес останавме многу малку, а веќе нема ни чираци. Со напредокот на технологијата и преминувањето на производството кон фабрички начин, нашата работа се намали. По мене нема кој да го продолжи овој занает, а јас сакам тој да опстане.“
Шакар објасни дека изработката на нож е макотрпен процес.
Тој истакна дека за да се добие квалитетен производ, ножот минува низ низа фази – од изборот и загревањето на челикот, преку ковањето, па сè до острењето. Додаде дека за изработка на еден рачно изработен нож му се потребни најмалку 15 дена.
Нагласувајќи дека ножарството за него не е само начин на заработка, Шакар рече дека овој занает го смета и за наследство што му е оставено од семејството.
Тој истакна дека е важно младите да се насочат кон традиционалните занаети:
„Ако работиш и вложуваш труд во овие занаети, од нив може да се живее. Сакам чираци на возраст од 14, 15 или 16 години. Постарите не можам да ги насочам и обучам на ист начин. Ако денес кај мене дојде дете од семејство на кое му е потребна помош, ќе го направам врвен мајстор, а тој ќе може да го работи овој занает каде било во Турција и добро да го издржува своето семејство“, рече Шакар.